„НЕ ВРТЕТЕ ВИЕ, ВРТАТ МОИВЕ ОД ОРКА“, МУ ВИКА ОРЦЕ КАМЧЕВ НА ЈАНАКИЕСКИ ВО БОМБИТЕ ЗА ИЗБОРИТЕ 2013

    „НЕ ВРТЕТЕ ВИЕ, ВРТАТ МОИВЕ ОД ОРКА“, МУ ВИКА ОРЦЕ КАМЧЕВ НА ЈАНАКИЕСКИ ВО БОМБИТЕ ЗА ИЗБОРИТЕ 2013Орце Камчев излегува од распит во старото седиште на СЈО во август 2016 (архивска фотографија - Ѓ. Личовски)

    Во Основниот суд Скопје 1 утринава продолжи слушањето на прислушкуваните разговори од 1.000-те предложени од СЈО во случајот „Титаник” за тешки изборни нерегуларности, со разговор меѓу обвинетиот Миле Јанакиески и Орце-Орка, како што беше чуено во бомбата.

    Првин Јанакиески прашува соговорник дали тие на „Орка” вртат по телефони да вадат луѓе од Центар и да ги притискаат да излезат да гласаат на денот на првиот круг од локалните избори на 24 март во 2013 година во битката за општина Центар.

    „Ние не можеме да постигнеме од вртење. Тие на ‘Орка’ си вртат”, му вика соговорникот на што Миле одговара:

    “Чекај, јас ќе му свртам на Орце да го прашам”.

    Му се јавува, го прашува дали им ѕвони на неговите да излезат да гласаат.
    Орце му дава отчет: “Шефе, сите мои ѕвонат. Им кажуваат мора да искочите”.
    “Ние треба да им ѕвониме на твоите?”
    “Не, они си ѕвонат сами. Баба ми има 93 години и она гласаше денес”.

    Натаму, загрижен за излезноста на Миле му се јавува новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ – Латас. Го прашува „Како стоиме?” Каде сме најдобри”…

    Во друг разговор со непознат соговорник Јанакиески нервозен дава наредба тие вработени во администрацијата што се втора смена да ги викне и да вртат телефони за да тераат од дома луѓе да излезат на гласаат. Особено тие вработени “со пута три гласачи што се”.

    „Викни ги, има да си вртат”.

    Во „Титаник” за злосторничко здружување, поткуп при гласање, незаконско финансирање изборна кампања, злоупотреба на службената положба, закани, фалсификување исправи и други кривични дела обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер Кирил Божиновски Илија Димовски, Билјана Бришковска-Бошковски, Едмонд Темелко… вкупно 21 лице од ВМРО-ДПМНЕ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира