МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ КОИ ОСТАНАЛЕ БЕЗ РАБОТА ЌЕ БИДАТ ПРЕЗЕМАНИ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО СО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

    МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ КОИ ОСТАНАЛЕ БЕЗ РАБОТА ЌЕ БИДАТ ПРЕЗЕМАНИ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО СО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИИзмените на Законот за здравствена заштита следната недела треба да се дадат во владина процедура, велат од Министерството за здравство. - Клиничкиот центар во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Измените на Законот за здравствена заштита со кои треба да се овозможи преземање доктори од приватното во јавно здравство следната недела ќе бидат дадени во Влада за да почне процедурата за нивно усвојување, соопшти Министерството за здравство. Од Министерството велат дека со овие куси измени на Законот за здравствена заштита овозможуваат и преземање на медицинските сестри, кои претходно работеле во приватни здравствени установи основани под закуп во здравствените домови кај матичните лекари, а по различни основи во меѓувреме останале без работа.

    „Во измените на Законот внесена е одредба согласно која медицинските сестри кои ќе останат без работа да бидат преземани во јавни здравствени установи. Овие законски измени ќе влезат во процедура во текот на следната недела. Во моментов се извршуваат пошироки консултации со сите релевантни чинители кои се засегнати од законските одредби. Со измените ќе биде опфатена и можноста за преземања доктори на медицина, стоматолози и фармацевти од приватно во јавно здравство“, велат од Министерството за здравство.

    Овие измени на Законот за здравствена заштита беа најавени уште лани од ексминистерот за здравство Арбен Таравари, со кои требаше да се укине плаќањето по учинок на докторите, да се укинат економските директори на клиниките и да се избрише временската рамка за преземање доктори од приватно во јавно здравство. Таравари лани разреши дел од економските директори на клиниките на кои им беше истечен мандатот, додека дел од кадрите на ДИУ и ВМРО-ДПМНЕ останаа.

    Измените на законот годинава влегоа во владина процедура но во јуни беа повлечени. Неофицијалните информации тогаш беа дека еден од коалиционите партнери во Владата, поточно ДУИ, го кочи законот додека не им најде други убави работни места на кадрите од партијата што ќе бидат засегнати од реформите.

    Извори од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК тогаш кажаа дека ако поминат измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, економските директори на клиниките од редовите на ДУИ, кои беа именувани уште во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе останат без работа и коалициониот партнер ја кочи реформата додека ним не им се најде друго решение.

    Во меѓувреме министерот за здравство Венко Филипче кажа дека прави проценка за укинување на економските директори. Минатиот месец рече дека на дел од клиниките поради обемноста на работите, ќе ги задржат економските директори.

    Овој месец на Клиниката за гинекологија и акушерство, која со години немаше втор директор, Ваљон Беља од ДУИ беше именуван за економски директор.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира