Осум од десет родители во земјава ги дисциплинираат децата со физичко и психолошко насилство, три од едно дете е емотивно запоставено, а две од едно дете е физички запоставено. Насилството и запоставувањето на децата, особено во раното детство влијае негативно врз развојот на детето.
За да се намалат овие застрашувачки бројки министерствата за труд и социјална политика, за здравство и за образование, заедно со Европската унија и УНИЦЕФ денес стартуваа со кампањата „И родителството се учи“, со која треба да се подигне свеста дека е потребна поддршка на родителите во подигање на самоуверени, учтиви и успешни деца.
Кампања стартуваше со емотивно видео во кое децата глумат како родителите ги дисциплинираат.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека во 15 градинки веќе имаат советувалишта и програми за помош и на родителите, но дека целта на кампањата е да се зборува за оваа тема и таа да се спушти на локално ниво и во дискусијата и промената да се вклучи и локалната заедница.
Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија, рече дека активацијата на стресот во раните години од развојот на детето понатаму ќе влијаат на неговиот целокупен развој. Освен директното физичко и психичко насилство, врз развојот на детето влијаат и емоционалното и физичкото запоставување. Тој кажа дека потребната поддршка и родителите и децата може да ја добијат уште во градинките и дека затоа ги помагаат програмите за ран детски развој, за да можат родителите да подигнат деца кои се најдобрата верзија од себе.
„Често ова е ненамерно, но затоа тој модел на однесување може да се промени и коригира. Ниедно дете не треба да расте во страв. Стравот го ограничува неговиот потенцијал за развој. Кога целото општество им помага на родителите да израснат деца со здрава приврзаност, деца кои добиваат поттик во својот развој, деца кои веруваат во себе, кои се истрајни, емпатични, знаат како да се справат со разочарувањата, и кои учат и откриваат нови нешта, тогаш создаваме животен циклус на лична човечка поврзаност и просперитет, како и понапредни, посилни, поуспешни и побезбедни општества“, рече Перкс.
Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека кај децата кои доживуваат негативни искуства во раното детство постои поголема веројатност да имаат сериозни здравствени проблеми како возрасни, и дека поддршката на родителите не е само прашање на заштита и едукација, туку е и прашање на јавното здравство. Тој рече дека патронажните сестри, педијатрите и семејните лекари се во единствена позиција да им пружат поддршка на родителите и да ги посоветуваат не само за физичкиот развој, туку и за емотивно – когнитивиот развој, затоа што и тие влијаат врз физичкото и менталното здравје на децата.
„Бројот на патронажни сервиси во општините каде одлично функционираше со години наназад е сериозно компромитиран, затоа што недостасува кадар. Недостасуваат и доктори педијатри, кои се битни. Ги разгледуваме сите можни модели на соработка меѓу примарните лекари, педијатри и општи лекари, но и сестрите кои што работат во нивните тимови, како и можната соработка со здравствените домови, за да се овозможи 24 часовна заштита на тоа ниво. Соочени сме со тоа да има наплив на пациенти во клиничките болници, затоа што нема друго ниво на здравствена заштита, каде пациентите, посебно децата нема каде да се јават. Инициравме и неколку проекти за воведување нова форма на патронажни сервиси и тој пилот проект почна да функционира во Општина Кочани, каде се примија четири медицински сестри и во тимот има и социјален работник и тоа им е задачата во домовите или блиску до домовите на пациентите за кои што сметаме дека имаат соодветна дијагноза и може да ја добие во домашни услови, на тој начин да ја добијат. Во таа смисла патронажните сестри циркулираат низ домовите или блиску до домовите каде има амбулантата, која многу често е празна оти нема кадар што работи. Социјалниот работник има задача да препознае знаци на насилство и да сигнализира, таму каде е потребно“, рече Филипче, кој додаде дека реализацијата на проектот почна пред еден месец и дека врз основа на резултатите ќе одлучат дали ќе се имплементира и во другите општини.
Истражувањето поддржано од УНИЦЕФ покажува дека иако повеќето родители се свесни за штетните последици од користењето насилство при воспитување на децата, тоа не е одразено во праксата.
„Повеќето родители знаат дека тие се најважните учители на своите деца, но постои тенденција да се верува дека на децата треба да им се одржи лекција за да научат. Преку програмите за родителство што постојат во училиштата, и образовниот систем е посветен на обезбедување помош за родителите да научат позитивни родителски вештини“, рече министерот за образование и наука Арбр Адеми.
Е. БОЧВАРОСКА