Џогер кој се повредил обидувајќи се да избрка куче ќе добие компензација, пресуди судот во Германија, иако неговиот сопственик тврдел дека тоа само сакало да си игра, објави Дојче Веле.
Овој аргумент веќе не ги ослободува сопствениците на кучиња од одговорност ако некој е повреден, а кучето притоа не било врзано. Вишиот регионален суд во Кобленц пресуди дека на луѓето им е дозволена употреба на „ефективни заштитни мерки“ против куче кое не е врзано.
„Бидејќи однесувањето на животните е непредвидливо, од луѓе кои се соочуваат со непознато куче не може да се очекува да утврдат дали тоа претставува закана. Уште поголема опасност е доколку лицето погрешно го протолкува однесувањето на животното“, се вели во соопштението на судот.
Случајот на кој се однесува пресудата се случил во шума во близина на Кобленц, кога оштетениот џогер трчал со свое куче и налетал на друго, во чија близина не бил сопственикот. Тој се обидел со стап да го избрка кучето кога паднал и го повредил коленото, што морале да му го оперираат. Џогерот потоа го тужел сопственикот на кучето, кој тврдел дека тоа не било врзано бидејќи е многу пријателско.