ДА ПРЕСТАНАТ ЗАКАНИТЕ КОН ПРАТЕНИЦИТЕ КОИ ГЛАСАА ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР, ТВИТНА ХАН ПО СРЕДБАТА СО ИСКЛУЧЕНИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ НА САМИТОТ НА ЕПП

    ДА ПРЕСТАНАТ ЗАКАНИТЕ КОН ПРАТЕНИЦИТЕ КОИ ГЛАСАА ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР, ТВИТНА ХАН ПО СРЕДБАТА СО ИСКЛУЧЕНИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ НА САМИТОТ НА ЕПП„Им аплаудирам на нивната храброст да гласаат за Преспанскиот договор. Заканите кон нив мора да престанат. Сите партии треба да работат за остварување ЕУ агендата, што ја поддржува мнозинството од граѓаните“, твитна Хан после средбата со Тодоров, Богојевски и Александрова. (Фото: Твитер)

    Еврокомесарот Јоханес Хан денеска во Хелсинки на конгресот на Европската народна партија (ЕПП) се сретна со исклучените членови на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров, пратеничката Емилија Александрова и реформаторот Петар Богојевски. После средбата Хан преку својот Твитер профил повика да престанат заканите кон пратениците кои го поддржаа Преспанскиот договор.

    „Им аплаудирам на нивната храброст да гласаат за Преспанскиот договор. Заканите кон нив мора да престанат. Сите партии треба да работат за остварување ЕУ агендата, што ја поддржува мнозинството од граѓаните“, твитна Хан после средбата со Тодоров, Богојевски и Александрова.

    Еврокомесарот Јоханес Хан синоќа имаше средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. По средбата Хан твитна дека ја поздравува посветеноста на Мицкоски, да не го попречува Преспанскиот договор во Собранието.

    „Корисен разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на конгресот на ЕПП во Хелсинки. Бев кристално јасен дека ратификацијата на Преспанскиот договор мора сега брзо да се заврши, без никакви пречки. Ја поздравувам неговата посветеност да не ја попречува постапката во Парламентот. За евроинтеграцијата треба лојална опозиција“, напиша Хан на својот Твитер профил.

    Мицкоски по средбата со Хан на својот Фејсбук профил напиша дека го информирал еврокомесарот за политичкиот прогон и злоупотребата на правосудството против ВМРО-ДПМНЕ, и како што вели посочил дека членството на Република Македонија во Европската унија претставува стратешки интерес за ВМРО-ДПМНЕ.

    На конгресот на ЕПП, поканети се две делегации на ВМРО-ДПМНЕ.

    Покрај актуелното раководство предводено од Мицкоски кој во Хелсинки отиде заедно со Александар Николовски, Влатко Ѓорчев и Тимчо Муцунски, поканети се реформаторите Петар Богојески и Костадин Богданов, но и избрканиот Никола Тодоров, пратеничката Емилија Александрова, како и разрешениот потпретседател Митко Јанчев. Богданов и Јанчев најавиле дека од објективни причини нема да присуствуваат.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира