Судија на претходна постапка утринава околу 2 часот им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена на Орце Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски од вкупно 12 осомничени во најновата истрага на Специјалното јавно обвинителство “Империја”. Мирчевски е директор на контроверзната оф-шор компанија „Ексико“, Панделески е директор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и сопственик на „Пелистерка“, Јосифовиќ е соработник на Камчев, а Арсовска е сметководителка во неговите фирми.
Вчера СЈО соопшти дека отвори истрага под кодно име „Империја“ против Јордан (Орце) Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
По извршен претрес во Орка холдинг, Стопанска банка Битола и други фирми на Камчев, но и во Пелистерка на Цветан Панделески, СЈО заплени доказен материјал и петтемина од осомничените ги донесе пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1.
Во тек е спроведувањето на осомничените во затворот во Шутка.
С. К. ДЕЛЕВСКА