ВЛАДАТА ГО ПРЕКРШИ ВЕТУВАЊЕТО ДЕКА НЕМА ОД БУЏЕТ ДА СЕ ФИНАНСИРА КАМПАЊА НА ПАРТИИТЕ НА ИЗБОРИ, ПРЕДУПРЕДУВА ЗНМ

    ВЛАДАТА ГО ПРЕКРШИ ВЕТУВАЊЕТО ДЕКА НЕМА ОД БУЏЕТ ДА СЕ ФИНАНСИРА КАМПАЊА НА ПАРТИИТЕ НА ИЗБОРИ, ПРЕДУПРЕДУВА ЗНМСпоред ЗНМ, на почетокот од септември годинава, Владата писмено одговорила до платформата на Советот на Европа за промоција и заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, дека при наредните измени и дополнувања на Изборниот законик ќе ги земе предвид и укажувањата на новинарската заедница. - Премиерот Зоран Заев на владина седница (Фото: Влада на РМ)

    Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост затоа што во последните измени на Изборниот законик предложен и од власта и од опозицијата, владата иако ветила, не го избришала членот со кој од буџетот се финансира политичката кампања на политичките партии за време на избори.

    „Разочарани сме што Владата не ги исполнува јавните ветувања пред македонската јавност и меѓународните партнери дека по референдумот ќе ја укине можноста јавни пари да се трошат за плаќање на политичка пропаганда во медиумите“, се вели во соопштението на ЗНМ.

    Според ЗНМ, на почетокот од септември годинава, Владата писмено одговорила до платформата на Советот на Европа за промоција и заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, која во август објави предупредување во врска со спорните измени на Изборниот законик.

    Во тој одговор Владата ветила дека при наредните измени и дополнувања на Изборниот законик ќе ги земе предвид и укажувањата на новинарската заедница.

    „Ако остане решението со јавни пари да се финансира политичката пропаганда во приватните медиуми нема да прекинат старите клиентелистички односи меѓу политичките партии и медиумите. Преку ваквите коруптивни односи што претходната власт ги воспостави со владините реклами, власта ја купуваше наклонетоста на медиумите и ги претвори нив во инструмент за ширење политичка пропаганда“, стои во соопштението на ЗНМ.

    ЗНМ ќе ги информира меѓународните организации за тоа што Владата не ги исполнува дадените ветувања дека при следното менување на изборната регулатива ќе ја избришат можноста јавни пари да се трошат за пропаганда.

    Со измените на Изборниот законик, рекламите на партиите во печатените медиуми, радијата, телевизиите и електронските медиуми (портали) за време на избори ќе им ги плаќаат граѓаните, а не како досега според финансиската можност на партиите.

    Со измените на Изборниот законик се допрецизираат одредбите за платеното политичко рекламирање, финансиските средства кои се обезбедуваат од Буџетот, исплатата на трошоците за објавеното платено политичко рекламирање од Министерството за финансии, како и други прашања поврзани со изборниот процес.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира