Пратеникот, експремиер и почесен претседател на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, по кого вечерва полицијата трага оти не е достапен за да го прими упатниот налог за отслужување на двегодишната затвроска казна за случајот на СЈО „Тенк“ во затворот Шутка, не е во седиштето на партијата во Скопје, рече генералниот секретар Игор Јанушев.
„Доколку полицијата поседува налог и навистина се сомнева дека Никола Груевски е во штабот, може слободно да дојде и со нас да провери. Ова е политички прогон, ништо повеќе, ништо помалку“, рече Јанушев кој одби да коментира на прашањето каде е експремиерот и зошто се крие.
Јанушев кажа и дека тој лично со Груевски не контактирал 8 месеци, а почесниот претседател на партијата во штабот не се појавил 6 месеци и не контактирал со никого.
Полицијата вечерва го бара Груевски откако доби известување од Основниот суд Скопје 1 дека судски доставувач не може да го пронајде да му врачи решение веднаш да се упати во затвор. Полицајци, а со нив и новинарски екипи, првин го побараа на адресата од лична карта, но таму немаше никој.
Полицијата ги проверува возилата што излегуваат од катната гаража „Тодор Александров”, веднаш до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а Јанушев рече дека и него го провериле при влезот во зградата.
На сајтот на МВР е објавена национална потерница по Груевски.
Телохранителите на осудениот Никола Груевски, кој од петокот ги избегнуваше судските органи да му го врачат конечното решение за издржување на затворската казна, последен пат се виделе со него на 8 ноември навечер.
Г. ТРПЕНОСКИ