Министерството за правда ќе чека официјално известување од Министерството за внатрешни работи (МВР) дека осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски е во бегство, па дури потоа ќе може да покрене постапка за екстрадиција. Груевски попладнево на Фејсбук напиша дека се наоѓа во Будимпешта и дека побарал политички азил од унгарските власти.
Од Унгарската амбасада во Скопје не се достапни за коментар или потврда на информацијата, никој не одговара на службениот телефон ниту на е-поштата.
„Прво треба да добиеме известување од Министерството за внатрешни работи дека лицето е лоцирано, па дури потоа треба да се комплетира пакет документи, односно меѓународна потерница, правосилната пресуда од судот, извадок од Кривичниот законик за описот на делото и застареноста на кривичното гонење. Сите документи треба да се преведат на јазикот каде што е избегано осуденото лице“, велат од Министерството за правда.
На фејсбук страната на која Груевски и порано се има јавувано со лични статуси попладнево пишува: „Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“.
Министерството за надворешни работи (МНР) соопшти дека работи на верификација на информацијата дека Груевски е во Унгарија.
„Во врска со наводната информација објавена на фејсбук профилот на г-динот Никола Груевски дека тој е во Будимпешта и дека побарал азил во Унгарија, Министерството за надворешни работи, во координација со надлежните институции во Република Македонија, постапува согласно своите законски надлежности во насока на верификација на информацијата. Веднаш по добивањето на релевантни информации во врска со наведеното, јавноста ќе биде соодветно и навремено информирана“, соопшти МНР.
Полицијата од синоќа не може да го лоцира Груевски да го спроведе во затворот во Шутка на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО. Претходно, судски доставувач четири дена не можеше да го најде да му го врачи решението веднаш да се упати во затвор.
А. АНТЕВСКА