НЕКАЗНИВОСТА НА НАСИЛСТВОТО ОД ОМРАЗА МОРА ДА ЗАПРЕ, АПЕЛИРА МАРШОТ НА ТОЛЕРАНЦИЈА

    НЕКАЗНИВОСТА НА НАСИЛСТВОТО ОД ОМРАЗА МОРА ДА ЗАПРЕ, АПЕЛИРА МАРШОТ НА ТОЛЕРАНЦИЈАОсобено загрижува влијанието што го има говорот на омраза кај помладите генерации, вели Хелсиншкиот комитет за човекови права (Фото: К.Попов)

    Со слоганот „Викни силно против насилство“ денес во Скопје се оддржа десетиот по ред Марш на толеранцијата, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а учесниците побараа посилно санкционирање на насилството од омраза. Претставници од повеќе невладини организации за заштита на човековите права маршираа од Музеј на град Скопје, преку улица Македонија до Универзитетот на Југоисточна Европа во Старата чашија. Со маршот беше одбележан и Меѓународниот ден на толеранцијата 16 ноември.

    „Упатуваме јасна порака до сите институции во Република Македонија сериозно да се посветат на унапредување на механизмите на санкционирање на насилството од омраза кое е сè поприсутно во нашето општество. Делата од омраза немаат ефект на изолирани случаи. Напротив, тие често имаат потенцијал да иницираат нови инциденти, да отворат поширока спирала на насилство, па и да кулминираат до точка на несогледливи последици. Тие придонесуваат за градење на атмосфера во која насилничкото однесување е вообичаено, прифатливо и одобрувано“, велат од Хелсиншки комитет.

    Според здруженијата, особено загрижува влијанието врз помладите луѓе затоа што се пренесуваат штетните шаблони на однесување од генерација на генерација.

    „Загрижува и постојаната неказнивост на говорот и делата од омраза која мора да запре. Особено говорот на омраза е присутен на социјалните мрежи без можност тој да биде санкциониран и отстранет. Образовниот систем и медиумите се клучна алка во процесот на градење на вистински ненасилна култура и похумано општество. Затоа, апелираме до сите релевантни општествени чинители за креирање широк фронт за борба против овие појави“, велат од Хелсинишки комитет.

    Маршот е поддржан од организациите: ЛГБТИ Центар за поддршка, Цивил- Центар за слобода, Национален Ромски Центар, ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Реактор – Истражување во акција, КВИР СКВЕР Скопје, Коалиција Маргини, Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство – Глас против насилство и МОФ- Младински образовен форум.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира