КАКО ШТО ГИ ИЗВАДИЛ 230-ТЕ ИЛЈАДИ ЕВРА, ГРУЕВСКИ ГИ ПЛЕСНАЛ ПО АДВОКАТИ

    КАКО ШТО ГИ ИЗВАДИЛ 230-ТЕ ИЛЈАДИ ЕВРА, ГРУЕВСКИ ГИ ПЛЕСНАЛ ПО АДВОКАТИИзбеганиот осуден експремиер Никола Груевски е осуден во „Тенк“ и обвинет во уште четири други предмети на СЈО и на судењата го застапуваа и по 5-6 адвокати. - Груевски на судење за „Титаник“ на кое имаше шест адвокати (архивска фотографија/СДК.МК)

    Поранешниот премиер Никола Груевски, кој три месеци пред да избега ги испразнил своите банкарски сметки во Македонија во износ од 230.000 евра, колку што му беа наведени и во анкетниот лист, ги потрошил веднаш штом ги извадил.

    САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од Министерството за финансии дознава дека тие 230.000 евра што ги извадил, Груевски за кусо време ги потрошил за адвокатски услуги и за други лични потреби, тука во Македонија. Затоа било утврдено дека наглото празнење не е индиција за негово бегство, туку за плаќање адвокати.

    Груевски на рочиштата за случаите „Тенк“ за мерцедесот, на „Титаник“ за тешки изборни нерегуларности, на „Траекторија“ за провизиите за кинеските автопати, на „ТНТ“ за одмаздничко уривање на Космос и на Насилство и шамари во Центар го застапуваа и по пет адвокати на судење. И сега кога почна да му се суди во отсуство, нивната бројка не е помала.

    „Важно е дека банките беа ажурни и според законската обврска што ја имаат, ги известија надлежните органи за повлекувањето од Груевски на своите штедни влогови во суми над 15.000 евра, што е пракса и за сите граѓани. За ова беа известени надлежните органи“, ни рекоа нашите извори.

    Според нивните сознанија, овој џепарлак од 230.000 евра не е  сума со која Груевски ќе може да си дозволи живот во бегство во друга држава, па затоа и ова влечење пари не било индиција за бегство.

    Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска вчера на прашање дали УЈП забележала и алармирала некоја друга институција дека поранешниот премиер Никола Груевски пред околу два месеца ги испразнил неговите банкарски сметки, рече дека УЈП не е истражен, туку даночен орган и неговата работа е да ги спроведува и да ги унапредува даночните цели.

    „Во моментов ние немаме таква надлежност да можеме да гледаме банкарски сметки, туку имаме можност по наши направени анализи да побараме од други сродни институции да утврдат одредена состојба. Тенденцијата на УЈП во делот на банкарските сметки е да ги види приходите на физичките лица. Нас не нè интересира кој колку потрошил или кој, каде и што купил. Нас не интересираат приходите на секое физичко лице за да успееме да му доставиме на верификување или на коригирање точни податоци во годишната даночна пријава. Нашата основна задача е да се грижиме за наплатата на даноците и да поседуваме веродостојни податоци“, рече Лукаревска.

    На прашањето дали побарале од институциите да ги проверат информациите за банкарските сметки на експремиерот, Лукаревска рече дека согласно Законот за даночна постапка што важи во моментов, станува збор за даночна тајна и затоа не сака да шпекулира со какви било дополнителни информации.

    УЈП ги чека измените на Законот за Управа за јавни приходи со кои ќе се овозможи да ги гледа банкарските сметки со цел да има точни податоци пред пополнетата годишна даночна пријава.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира