ОБВИНИТЕЛКАТА ВИЛМА РУСКОВСКА ЌЕ ИСПИТУВА ОДГОВОРНОСТ И КАЈ ВРВОТ НА МВР ЗА БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ

    ОБВИНИТЕЛКАТА ВИЛМА РУСКОВСКА ЌЕ ИСПИТУВА ОДГОВОРНОСТ И КАЈ ВРВОТ НА МВР ЗА БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИОбвинителката Вилма Русковска вели дека во принцип обвинител не може да бара притвор, ако претходно од МВР не добил оперативни сознанија дека обвинетото или осуденото лице планира бегство. - Русковска на судењето за 27 април (Фото: К. Попов)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција во предистражната постапка што ја отвори за бегството на Никола Груевски ќе истражува дали има пропуст и одговорност и кај врвот на МВР, кај министерот Оливер Спасовски и директорите на управите за јавна безбедност (БЈБ) и за безбедност и контраразузнавање (УБК), како надлежни за обезбедување и проценки за бегство на поранешниот премиер на Македонија.

    Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека нејзиното обвинителство во рамки на предистражната постапка ги очекува во наредните две недели снимките од безбедносните камери од Црна Гора и тоа од граничните премини Албанија – Црна Гора и Црна Гора – Србија, да се види кога, со кого, со помош или сам и на кој начин влегол и излегол избеганиот Никола Груевски.

    „Колегите воспоставија соработка и со органите на Албанија. Но, нас не интересира и што ни се случило овде, во нашиот двор. Во МВР се води интерна истрага за евентуални пропусти и незаконитости во рамки на Министерството. А за тоа што ме прашувате дали може раководството на МВР само да се истражува, ќе ви одговорам дека тој дел, министер и директори е работа на Обвинителството“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК шефицата на Обвинителството за организиран криминал Русковска.

    Одговорност ќе се истражува и кај Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое не побара мерки за Груевски по изрекувањето на пресудата, но и кај судијата за извршување санкции од Основниот суд Скопје 1. По неуспешниот обид курирот да го најде дома Груевски уште во петокот на деветти ноември 2018 година за да му го врачи решението на рака веднаш да оди на издржување на затворската казна во Шутка, судијата не го известил одделот за потраги во МВР.

    Русковска вели дека нема да излегува со информации додека не дојде до конкретни докази каде е пропустот за бегството на осудениот експремиер, кој има уште 4 судења, а од вчера и две нови обвиненија, но и истраги за многу потешки кривични дела од ова за кое избега.

    Таа вели дека во принцип обвинител не може да има предлог за притвор, ако претходно од МВР не добил оперативни сознанија дека обвинетото или осуденото лице планира бегство.

    „СЈО би било одговорно само ако имало сознанија за бегство или за празнење на сметките од страна на осудениот Груевски непосредно пред да избега, а не побарало притвор“, објаснува Русковска.

    За евентуалната одговорност на судијата за извршување санкции, таа вели дека чека тоа да го расчисти Судскиот совет и да го извести Обвинителството.

    Од СЈО бидејќи станува збор за предистражна постапка официјално не коментираат ништо за бегството на Груевски. Неофицијално пак, оттаму кажуваат дека немале никакви информации од МВР дека тој планира да избега од Македонија или дека воопшто има каква било опасност за такво нешто. Според нив, Никола Груевски бил редовен на судските рочишта и секој петок повеќе од една година се јавувал во судот, па затоа немало основ да се побара притвор.

    И во Основниот суд Скопје 1 отфрлаат каква било одговорност на судијата за извршување санкции.

    „Судијата постапи стриктно по Законот за извршување на санкции, и тоа школски. И секако по судската пракса. Лице чие решение за издржување на затворска казна штотуку  станало правосилно и ако му отидете на врата и го побарате да му го врачите решението на рака, во ниеден случај не може да се смета за недостапно, ако не го најде судот при првиот обид. Особено, ако нема известување од МВР дека тоа лице ги напуштило границите, избегало“, велат судиите во Основниот суд Скопје 1.

    Од судот ја објаснуваат целата постапка:

    • Прво, кога курирот заѕвонил на адресата по лична карта во станот на „Павел Шатев“, отворила сопругата Боркица Груевска и кажала дека Никола моментално не е дома. Отворила уште двапати,  го кажала истото, дека сопругот во тој момент не е дома. Тоа не може да се третира како недостапен.
    • Второ, судијата за извршување санкции не можел да претпостави дека лице кое со одлука на МВР е обезбедувано од шестмина вработени во МВР, избегало од државата.
    • Трето, ако имало МВР индиции дека ќе бега, требало да го известат судот.

    Вчера, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека уште лани, веднаш штом му бил одземен пасошот на Груевски, испратил наредба до сите гранични премини чувани од граничната полиција, дека тој не смее да ги напушти границите ни со лична карта. Но, не кажа дали Груевски во Албанија влегол преку див премин. Не кажа ни дали како за  поранешен највисок функционер во државата, уште по правосилноста на пресудата и особено пред извршувањето на казната, кога Груевски се уште доаѓаше во суд, биле извршени оперативни дејствија како физичко следење и зајакнато обезбедување и надзор поради опасност од бегство.

    Што се однесува до празнењето на банкарските сметки на Груевски во износ од 230.000 илјади евра штедни влогови, пак, органите на прогонот за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека тоа се случило многу порано и затоа не се сметало за идниција за бегство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира