ЛАТАС Е НА ПОВИСОКО НИВО ОД РАЗУЗНАВАЧОТ ЖИВАЉЕВИЌ, ПА НИКОМУ НИШТО, РЕЧЕ ОБВИНЕТИОТ ИГОР ЈУГ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    ЛАТАС Е НА ПОВИСОКО НИВО ОД РАЗУЗНАВАЧОТ ЖИВАЉЕВИЌ, ПА НИКОМУ НИШТО, РЕЧЕ ОБВИНЕТИОТ ИГОР ЈУГ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛИгор Југ, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, од почетокот на судскиот процес за нападот на 27 април се обидува да им укаже на судот и на обвинителството за организиран криминал за улогата на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, кој незаконски влезе со толпата во Собранието, ја снимаше ситуацијата во пленарната сала и до денеска не одговара за тоа (Фото: СДК.МК)

    Иако без жар и со видно разочарување кај 11-мина обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, кои се во притвор за разлика од останатите 22-ца обвинети кои преговараат и се надеваат на амнестија, денеска продолжи судењето во Основниот суд Скопје 1, на кое зачестија вкрстените прашања токму од притворените.

    Прв за настаните тој ден сведочеше Бранко Трајановски, командант на единицата за обука и поддршка, кого го испрашаа и обвинетите Александар Василевски-Нинџа, Игор Југ и Венјамин Михајловски.

    Кога се јави Игор Југ за вкрстени прашања, судијката Добрила Кацарска се пошегува:

    „За Живаљевиќ?“, по што сите во судницата се насмеаја, само Југ не. Разочарано ѝ кажа на Кацарска:

    „Драган Павловиќ-Латас е на повисоко ниво од Живаљевиќ, па никому ништо судија. Што има да прашувам повеќе за Живаљевиќ“.

    „Жал ми е што нема да го чујам прашањето, ама не се пријавивте Игор навреме“, му објасни Кацарска.

    Игор Југ, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, од почетокот на судскиот процес за нападот на 27 април се обидува да им укаже на судот и на обвинителството за организиран криминал за улогата на српскиот разузнавач  Горан Живаљевиќ, кој незаконски влезе со толпата во Собранието, ја снимаше ситуацијата во пленарната сала и до денеска не одговара за тоа. Сакајќи да го разјасни тој момент, Југ не пропушта да праша сведок, особено ако е службено лице, во врска со присуството на Живаљевиќ во нападнатото Собрание.

    Денеска сведочеше и обвинетиот  Митко Пешов, кој во периодот кога се случи нападот бил началник на Одделот за специјални полициски сили. Одговарајќи на прашања на неговата адвокатка, тој зборуваше дека постоела операција „Платформа“ која во МВР била планирана за справување со протестите кои секојдневно се одржуваа пред Собранието. Според исказот на Пешов, бил направен план за две сценарија, но ниедно од нив не предвидувало влез во законодавниот дом, односно интервенерирање и справување со демонстранти внатре во Собранието. Едниот план бил за справување со хомогена група демонстранти пред законодавниот дом, а другиот предвидувал справување со две спротиставени групи демонстранти.

    Александар Василевски-Нинџа го праша дали полициската акција во Собранието била задоцнета. Пешов рече дека во тој момент, со оглед на информациите со кои располагал, постапувал согласно своите знаења и можности.

    „Можеби од оваа временска дистанца сме можеле повеќе и подобро, но повторувам дека во тоа време постапував и носев одлуки согласно информациите со кои располагав тогаш“, се бранеше Пешов.

    Сведокот Трајановски, пак, претходно кажа дека хиерархиски Пешов му бил претпоставен. Тој кажа дека од Пешов добил наредба да ги упати припадниците на неговата едница кон Собранието во 19.45 часот.

    „Во единицата со која раководам во тој момент имаше само 13 луѓе во базата во касарната ‘Ѓорче Петров’ и тоа беше сѐ со што располагав“, рече Трајановски.

    „Кога се слушнавме со началникот околу 19.45 часот, луѓето кои ги имаше во базата ги упативме кон Собранието. Прашав што да правиме понатаму, ми беше кажано да почекам, по што околу 20.10 часот тој ми се јави да бидат повикани припадниците на единицата од сите сектори за внатрешни работи и да останат таму. Околу 20.25 ми се јави повторно началникот и нареди како ќе се собираат припадниците на единицата, така да тргнуваат кон Скопје“, сведочеше Трајановски.

    Трајановски рече дека од моментот на давањето наредба за собирање на единицата која ја сочинувале полицајци од сите градови, до нивното доаѓање во базата, касарната „Ѓорче Петров“, потребни се од три до седум часа.

    Ниту еден сведок – полицаец или старешина од МВР, а ги имаше сослушани во досегашното судење за организираниот напад на Собранието, не спомна дека постоела таа вечер енергична наредба од обвинетиот Митко Чавков, кој ја имал златната команда околу протестите, за брза интервенција за спасување на повредените пратеници и новинари, за нивна брза евакуација, за итно испраќање бројни полициски сили во Собранието, итно растерување на нелегално влезената толпа и насилниците, а ни за апсење на 28, 29, или во наредните денови и месеци по 27 април 2017.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира