Избеганиот осуден експремиер Никола Груевски кој доби азил во Угарија ќе земе цела пратеничка плата за ноември, а намалена плата од Собранието ќе земе од наредниот месец. На денешниот брифинг со новинарите, претседателот Талат Џафери рече дека на Груевски намалена плата поради неоправдано отсуство од седниците според евиденцијата ќе земе од наредниот месец, а не од ноемвриската плата.
Досега во Собранието, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ секогаш со допис го известувала претседателот на Собранието дека Груевски е оправдано отсутен од седница.
Според собранискиот Деловник, ако пратеник не го оправда отсуството од седница три дена едноподруго, му се одбива 5 отсто од плата за секој ден отсуство. На осудениот пратеник Груевски платата за секој ден неоправдано отсуство од Собранието ќе му се намалува за 5 отсто.
Собранискиот Деловник вели дека пратеникот кој е спречен да присуствува на седницата на Собранието, е должен за тоа да го извести претседателот на Собранието до почетокот на седницата. Претседателот на Собранието го повикува и го информира пратеникот кој три пати едноподруго не присуствувал на седниците, а не го известил претседателот на Собранието за своето отсуство. За секое натамошно неоправдано отсуство, претседателот на Собранието го опоменува пратеникот и за тоа ја известува Комисијата за прашања на изборите и именувањата и координаторот на пратеничката група.
На пратеникот кој отсуствува најмалку три пати едноподруго од седниците на Собранието, а за тоа не го известил претседателот на Собранието, му се одбива 5 отсто од платата за секој ден отсуство, за што одлука донесува Комисијата за прашања на изборите и именувањата. За присуство на седниците, се води евидентен лист, за кој се грижи генералниот секретар на Собранието, кој на крајот од работниот ден му се предава на претседателот на Собрание. За редовноста на пратениците, претседателот на Собранието го известува Собранието, на секои шест месеци.
Груевски се јави од Будимпешта на 13 ноември и кажа дека бара азил од унгарските власти. На 20 ноември доби азил. Претходно, македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје. Тој на 9 ноември требаше да се пријави во затворот во Шутка на издржување на двегодишна затворска казна за „Тенк” на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра.
Г. ТРПЕНОСКИ