НЕМА ДА СЕ ГРАДИ КАТНАТА ГАРАЖА КАЈ СОБРАНИЕ, ДРЖАВАТА ЌЕ МОЖЕ ДА СИ ГО ЗЕМЕ ЗЕМЈИШТЕТО НАЗАД ЗА ПАРК

    НЕМА ДА СЕ ГРАДИ КАТНАТА ГАРАЖА КАЈ СОБРАНИЕ, ДРЖАВАТА ЌЕ МОЖЕ ДА СИ ГО ЗЕМЕ ЗЕМЈИШТЕТО НАЗАД ЗА ПАРКДозволата за градба е поништена оти инвеститорот не го испочитувал рокот за две години од добивање на градежната дозвола да стартува со градба.-(Фото: К.Попов)

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, го поништи одобрението за градба на катна гаража на парцелата до Собранието, на инвеститорот „Анго“ ДООЕЛ Скопје.

    Дозволата за градба е поништена оти инвеститорот не го испочитувал рокот за две години од добивање на градежната дозвола да стартува со градба. Сега Богдановиќ вели дека ќе може државата да започне постапката за враќање на земјиштето во државна сопственост и дека после мораториумот, откако тој план ќе биде ревидиран на таа парцела ќе има зеленило.

    „Инвеститорот добил одобрение за градење на катната гаража на 26 август 2014 година, со правосилност од 10 септември 2014. Законски предвидениот рок за отпочнување со градење е две години од правосилноста на одобрението за градење, во спротивно одобрението за градење престанува да важи. Штом се поништува дозволата за градба, може да се почне постапка за враќање на земјиштето на државата“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Со цел да се запази законски предвидениот рок, на само три дена пред истекот на рокот, односно на 7 септември 2016 година, инвеститорот поднел барање за отпочнување на подготвителни работи за изградба на објектот.

    „Од страна на компанијата Балкан енерџи груп добивме потврда дека инвеститорот ниту поднел барање, ниту потпишал договор за дислокација на мрежата, а која инвеститорот своевремено ја навел како причина поради која се пролонгира отпочнувањето со градење. На наше барање Бирото за судски вештачења, со вешт наод и мислење, ја утврди фактичката состојба и заклучи дека на конкретната парцела не се гради никаков објект, ниту некогаш започнал да се гради. Поради тоа поништено е одобрението за градба“, додава Богдановиќ.

    Со изме на деталниот план „Мал ринг“ за време на мандатот на Владимир Тодоровиќ наместо подземна гаража, беше нацртана маркичка за катна гаража. Во јуни 2013 година на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски, земјиштето го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 136 евра за квадрат или вкупно за 333.000 евра за земјиштето од 2.455 метри квадратни. Планот дозволуваше гаражата да биде висока 9 метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор, продавници или угостителски објекти.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира