Во Македонија нема доволно податоци за насилството врз жените и девојчињата за да се разбере проблемот, но глобалните бројки се дека една третина од жените се жртви на насилство во домот, а една половина од нив не зборуваат и никому не кажувааат за насилството што го преживуваат, вели Бенџамин Перкс, в. д. постојан координатор на ОН и претставник на УНИЦЕФ во Македонија. По повод Светската кампања „16 дена активизам за заштита на жените и девојчињата од насилство“ во која е вклучена и Македонија, Перкс зборува за тоа до каде е Македонија во спроведување на Истанбулската конвенција и во реалната заштита на жените од наслиство.
Тој пораснал во државен дом за деца без родители и кога зборува за тоа дека на детето за правилен развој му треба безбедна врска со возрасен го кажуватоа од личното искуство. Вели дека сѐ што постигнал во животот е благодарение на една од неговите наставнички.
„Пораснав во државна институција за згрижување деца, во една гетоизирана населба. Тоа е класичен пример каде децата се регрутираат за да припаднат во некоја банда. Бев во многу тешка позиција кога имав 15 години. Веќе имав видено како мојот другар е прободен од една банда и веќе бев во четвртото училиште. Ме префрлаа од училиште во училиште и ова беше училиште за последните од последните, училиште во кое доаѓаа сите што биле избркани од другите училишта. Наставничката навистина многу ми се посвети и беше првата возрасна личност со која во разговорот имав чувство дека навистина ме слуша“, рече Перкс.
Иако со оваа наставничка бил во контакт само една година, смета дека таа целосно му го променила животот, бидејќи го зела под закрила и почнала да го насочува.
„Бев во тие еден отсто од децата во земјата кои израснале во дом за деца без родители во поглед на сиромаштија и можност за развој, а што заминавме на факултет. Наставничката ми создаде страст за читање литература, но и да играм рагби. Со помош на овие работи мене ми се покажа поинаков пат во живот. По 25 години почнав да ја барам мојата наставничка, која ја немам видено од 17-годишна возраст. Ја најдов по шест месеци и ѝ кажав што таа направи за мојот живот, дека немаше да успеам и ништо немаше да направам во животот без неа“, вели Перкс.
Со него разговаравме за тоа како насилството влијае врз развојот на децата, за значењето што го имаат згрижувачките семејства за децата без родители и нивно извлекување од институциите, со оглед на тоа дека и самиот израснал во државна институција за деца без родители.
„Во една скорешна студија која беше поддржана од тело за родова еднаквост на ОН со невладината Реактор, половина од тие жени изјавиле дека им било страв да го пријават семејното насилство, затоа што се срамеле. Овде станува збор за насилство, не само за сексуално насилство. Чувствителноста на прашањето лежи во тоа дека тие се трауматизирани од понижувањето и болката што го носи насилството. Ова е поинаков вид на стрес, оти нема каде да се сокријат од насилството што се случува во нивниот дом, тоа влијае на нивното здравје оти се работи за токсичен стрес. Лицето што доживува насилство доживува срам, и тоа создава уште два проблема. Првиот е дека оштеството се наоѓа во развојот на својата историја каде ова прашање сѐ уште останува табу. А второ, оние жени кои ќе проговорат за насилството сметаат дека нема адекватна реакција. Една третина од жените кои не го пријавиле семејното насилство, според истата студија, сметале дека полицијата нема ништо да направи за нивната пријава“, вели Перкс.
Според него, ова тврдење на жените го потврдуваат и бројките за пријавени и просецуирани случаи, бидејќи само меѓу седум до десет предмети од пријавените случаи се третираат на суд, а околу 30 отсто од судските процеси не добиваат разрешница, односно не завршуваат со прогон на насилникот.
„Ќе ви кажам пример за кој имам слушнато. Осумнаесетгодишна девојка има две малолетни сестри. Таа била сериски силувана од татка си уште од времето кога го памти. Потоа, гледа дека таткото го врти своето внимание кон помладите сестри. Еден ден, во сета таа беда собира храброст да отрча до најблиската полициска станица. Оди таму, но полицаецот е лично поврзан со татко ѝ. Ја враќа девојката дома, го поздравува таткото и му вели ‘брате мој’. Тоа се случува кога не се спроведува Истанбулската конвенција. Луѓето кои се обидуваат да го блокираат спроведувањето на Истанбулската конвенција всушност го блокираат прогонот на таткото што ја силува својата ќерка. Мора да си го поставиме прашањето зошто е тоа така. Без оглед дали некој е либерален, конзервативен, религиозен, секуларен, нема оправдување да се присилуваат жените и девојчињата да живеат во таква реалност. Ние ги имаме овие најекстремни случаи на ум, кога ги водиме овие 16 дена на активизам овде во Обединетите нации“, вели Перкс.
Друг екстремен пример за насилство врз девојчињата е детскиот брак и според него треба да се разграничи забуната дека детскиот брак е културно специфичен.
„Всушност, се работи за сексуална злоупотреба на децата. Често пати повеќе од едно лице соучествува во овие ситуации и тоа претставува организиран криминал“, вели Перкс.
Причината за насилството не само врз жените, туку воопшто и насилството во домот и силеџиството што го доживуваат децата дома, според Перкс е резултат на меѓугенерациски однос и тоа почесто се јавува во земјите каде има социјални и други проблеми.
„Глобално, секое четврто дете е сведок на семејно насилство. Во истражување на Светската здравствена организација (СЗО) во кое се вклучени 23-годишни студенти, 10 отсто одговориле дека биле сведоци на семејно насилство. Причината зошто луѓето вршат насилство сметаме дека е резултат на насилството што го доживеале во детството, односно оние што растат во присуство на насилство имаат тенденција подоцна во животот да извршат насилство или да бидат жртви на насилството“ , вели Перкс.
Тоа пак влијае на појава на силеџиштво во училиштата, каде децата кои дома се изложени на насилство всушност се изложени на токсичен стрес.
„Децата се биолошки програмирани да бараат заштита од своите родители од денот кога се родени. Ако ваквата нивната потреба се игнорира или ако се врши насилство во семејството, тие тоа го доживуваат како опасност. И таа опасност станува хронична. Тие деца во училиштето се појавуваат со нагласено чувство на опасност и биолошки се програмирани да бараат неволја. Овие деца кои ги задеваат се оние кои се запоставени во домот. Не секогаш, но тоа е вообичаена појава. Има неколку различни видови на поврзаност со родителот или емотивна запоставеност. Во случаи кога поврзувањето со родителот е хаотично, тие деца најчесто се жртви на насилство, а оние што се запоставени или се сведоци на насилство стануваат силеџии“, вели Перкс.
Тој смета дека во вакви случаи многу е важно како ќе постапи наставникот, кој треба да знае да ја препознае траумата и на овие деца да им обезбеди чувство на смиреност, со што полека детето ќе создаде отпорност на насилството што се случува дома.
„Секое дете треба да има безбеден однос со некој возрасен. Тој возрасен треба да биде негов шампион, треба да се огледува на него, кој ќе го поддржува. Но, исто така тој возрасен ќе бара од детето да биде најдобра верзија на себеси. И ако има ваква смиреност и ако има безбеден однос со некој ворасен кој служи како пример, тоа се работи со кои може да се елиминираат ефектите од насилството што детето ги доживува“, вели Перкс.
Децата без родители или без родителска грижа кои се сместени во институциите ги немааат истите можности за развој, како оние што растат во семејство. Перкс вели дека структурата на институциите е така поставена што не може да им ги задоволи трите основни потреби за развој на децата од нивната најрана возраст.
„85 отсто од развојот на мозокот се случува во првите пет години од животот. Децата во раните години од животот поставуваат по 25 прашања на ден. Она што го потхранува социјалниот и когнитивниот развој на детето е всушност одговорот на родителот и неговата вклученост и заинтересираност за детето. Децата кога ќе се родат бараат длабока и целисходна врска со возрасен, со родител. Пред сѐ, затоа што имаат потреба да бидат сакани, како животински вид љубовта е најважната работа во нашиот живот. Втората работа што им треба на децата е стимулација, а третата работа е дека имаат потреба од заштита. Она што се случува во институцијата е дека децата се земаат од родилиштето, се носат во Битола и по цел ден седат во креветчето. Тие плачат во креветчето и чекаат некој да дојде и да ги сака и да им обрне внимание. Додека чекаат, постепено престануваат да плачат и се откажуваат, стануваат индиферентни. Но, ако им го проверите срцевиот ритам, ќе видите дека срцето им е скршено и дека се во состојба на висок стрес. Ова не го знаевме до пред 20-30 години. Затоа згрижувачот може да им овозможи љубов, заштита и стимулација. Ако тоа не му го овозможите на мало дете, сега се смета за сериозно прекршување на човековите права“, вели Перкс.
Канцеларијата на УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика лани почнаа кампња за зголемување на бројот на згрижувачки семејства во Македонија. За една година, обезбедени се 28 нови згрижувачи каде се сместени 47 деца, а со сместување на децата во мали групни домови 30 отсто од децата кои беа сместени во инстутуции сега веќе не се во нив. Перкс вели дека ова е постигнато само за една година и дека тоа е едно од најголемите придобивки направени во Македонија од аспект на заштита на човековите права.
„Оваа недела имав можност да ги поделам новите 37 сертификати на новите згрижувачи и кога ги гледате како им сјаат очите, кога зборуваат за децата кои ги згрижуваат нема поголемо задоволство. Згрижувањето е нова работа во ова општество, но основата на згрижувањето е љубовта. Љубовта не е нова работа во оваа земја, и мислам дека луѓето имаат љубов за давање, тие ќе се појават и ќе речат зошто не. Сите живееме за љубов“, вели Перкс.
Е. БОЧВАРОСКА