СЕ НАМАЛУВААТ КАЗНИТЕ ЗА ПРЕКРШОЦИ, НАЈВИСОКАТА ГЛОБА ЌЕ БИДЕ 250 ЕВРА

    СЕ НАМАЛУВААТ КАЗНИТЕ ЗА ПРЕКРШОЦИ, НАЈВИСОКАТА ГЛОБА ЌЕ БИДЕ 250 ЕВРА„Ако досега казната за нерегистрирано возило изнесувала 500 евра, со новиот закон ќе изнесува 250 евра, за предизвикување бучава казната сега изнесува 450 евра, со новиот закон сега казната нема да смее да надмине 250 евра“, рече министерката за правда Рената Дескоска (Фото: Влада на РМ)

    Ќе се намалат казните за прекршоци за физичките и правните лица. Измените на Законот за прекршоци влегуваат во владина процедура и се предвидува за физичките лица казните да се намалат до 75 отсто, додека за правните и до 150 отсто, кажаа денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев и министерката за правда Рената Дескоска.

    Со новото решение, минималната глоба за физичко лице е 15 евра, а максималната ќе биде 250 наместо досегашните 1.000 евра. За правните лица, при одредување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, број на вработени и претходно санкционирање за исти или слични прекршоци.

    „Во законот се прави градација помеѓу мали, средни и големи претпријатија. Кај малите компании казните се намалуваат од 50 до 2.000 евра, а за средните и големите компании казните се намалуваат за два и пол пати, од 250 минимална до 10.000 максимална казна“, кажа премиерот Заев.

    Дескоска рече дека казнената политика нема да биде политика за полнење на буџетот, туку ќе биде насочена кон опомена на оние кои што згрешиле.

    „Околу 200 закони во кои е уредена висината на казната, ќе треба да се усогласат со Законот за прекршоци и нема да смеат да го надминат утврдениот минимум и максимум.  Ако досега казната за нерегистрирано возило изнесувала 500 евра, со новиот закон ќе изнесува 250 евра, казната за технички неисправно возило сега изнесува 400 евра, со новиот закон истата не смее да надминува 250 евра, за предизвикување бучава казната сега изнесува 450 евра, со новиот закон сега казната нема да смее да надмине 250 евра“, рече Дескоска.

    Со измените на Законот за прекршоци нема да се менуваат казни кои предизвикуваат општествена опасност како и оние кои што се против животната средина и уништувањето на културното богатство.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира