ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ ГИ ЗЛОУПОТРЕБИ ПАТРИОТСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ЗА НАПАД НА СОБРАНИЕТО, НИ РЕКОА ИВАНОВ ЌЕ ПРОГЛАСИ ВОЕНА СОСТОЈБА, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ СТЕФАН МЛАДЕНОВСКИ

    ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ ГИ ЗЛОУПОТРЕБИ ПАТРИОТСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ЗА НАПАД НА СОБРАНИЕТО, НИ РЕКОА ИВАНОВ ЌЕ ПРОГЛАСИ ВОЕНА СОСТОЈБА, СВЕДОЧЕШЕ  ОБВИНЕТИОТ СТЕФАН МЛАДЕНОВСКИСтефан Младеновски е еден од 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок, а во сведочењето денеска го обвини поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски дека ги злоупотребил патриотските здруженија за напад на Собранието (Фото: СДК.МК)

    Луѓе кои немаат ни „п“ од патриотизам, а не знаат ниту колку краци има македонското знаме ги злоупотребија граѓаните поради личен интерес, сведочеше на денешното судење за организираниот напад на Собранието на 27 април лани обвинетиот Стефан Младеновски. Тој е еден од 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок, а во сведочењето денеска го обвини поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски дека ги злоупотребил патриотските здруженија за напад на Собранието.

    Ексдиректор на УБК Владимир Атанасовски не е меѓу бвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок.

    „Во 2016, Александар Василевски-Нинџа ме извести и ми кажа дека негов човек и близок пријател е негов човек во УБК и ќе прави што сака. За прв пат Нинџа ме запозна со Никола Бошковски, во штабот беше присутен и Владимир Атанасовски. Како се соопштуваше информацијата, така ни ја споделуваше Дејан Димковски-Боксер од УБК. Ситуацијата беше разочарувачка“, кажа обвинетиот Младеновски детали од целата организација на нападот.

    Александар Василевски-Нинџа е брат на Благоја Василевски, кој беше обезбедување на екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски додека тој на 27 април лани беше на службен пат во Виена. Според обвинението, Благоја му се јавил на Нинџа околу 14.30 часот, по што почнала акцијата за напад на Собранието.

    Младеновски денеска сведочеше дека на првиот ден на протестите пред ДИК каде се одлучувало за приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за изборите на 11 декември 2016, Нинџа го викнал него во едно кафуле на кеј. Кога стигнал Младеновски со братот Михаил, со Нинџа бил Никола Бошковски-Прскач.

    „Нинџа ни кажа ако ДИК ги одбие приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, насоките од Владимир Атанасовски се да се упадне насилно во Владата и на ДИК да се фрлаат молотови коктели. Во кафулето беа повеќе лица, бил и Никола Митревски-Кољо. Од кафулето, со 6 коли се упативме кон канцелариите на ДИК. Кога стигнавме, Нинџа нè собра во круг, бевме 20-30 луѓе. Нинџа нè извести дека во одреден момент кога тој ќе даде насока треба да се упадне во канцелариите на ДИК. Тој ден ДИК заседаваше, но расправата за приговорите се откажа за друг ден. Наредниот ден немаше други насоки”, збореше Младеновски и за улогата на Нинџа, со посебен осврт.

    Во деновите кои следеа се гледале со Нинџа, во неговото кафуле „Аристократ“ во Автокоманда, каде бил и директорот на УБК Атанасовски. На 30 декември 2016 вечерта, кога требаше ДУИ да одлучи дали ќе прави влада со ВМРО-ДПМНЕ, повторно биле во штабот во прес-центарот на оваа партија.

    „Бевме јас, мојот брат, луѓето од УБК и Нинџа со неговите луѓе. Исто како денот на изборите така и тогаш информациите до нас ги споделуваш Дејан Димовски- Боксерот“, рече Младеновски.

    На средина на протестите, од Александар Василевски-Нинџа разбрав дека Владимир Атанасовски му кажал да ги контактира патриотските здруженија. Нинџа за нив секогаш велеше дека се кретени и дека треба да се искористат“, сведочеше Младеновски; – Александар Василевски-Нинџа  на едно од судските рочишта (Фото: СДК.МК)

    Кратко по тоа беше објавена Тиранската платформа по што и започнаа протестите на „За заедничка Македонија“.

    „Учествував повеќе пати со мојот брат и екипата на Нинџа со кој се чекавме кај ‘Палома бјанка’. Со протестите не сум многу запознаен, но знам дека имаше логистичка поддршка од сите месни комитети од ВМРО-ДПМНЕ,  ‘југото’ што секогаш одеше напред беше од Општинкиот комитет Кисела Вода. На протестите се знаеше дека кога ќе дојде денот СДСМ да први влада и да избере претседател, треба да се влезе во Собранието. Нинџа повторно во февруари нè викна во ‘Аристократ’. На таа средба Никола Бошковски ни кажал дека државата ни е загрозена и дека мора да се одбрани. УБК ќе била позади нас и сите наредни насоки ќе ги добиваме од него. На средина на протестите, од Нинџа разбрав дека Владимир Атанасовски му кажал да ги контактира патриотските здруженија. Нинџа за нив секогаш велеше дека се кретени и дека треба да се искористат“, сведочеше Младеновски.

    „На 27 април околу 13 часот, на мојот брат му се јави Кољо и нè викна да одиме во ‘Дион’ на ручек. Стигнавме околку 14 часот, беше присутен Нинџа со неговата екипа од 15-20 луѓе. Кога стигнавме таму, Нинџа нè извести дека денес е денот. Кратко потоа, во 17.30 часот, Нинџа седеше на масата позади мене. Го слушнав како му рече на Кољо – ‘мислам дека треба да ставиме маски, подрско ќе изгледа’. Извади пари од џебот, му даде пари на Кољо по што се упативме до продавницата ‘Камуфлаж’. Кољо влезе сам и излезе со кеса со маски. Околу 15.30 часот пристигна уште една група од Ѓорче. Од Нинџа разбрав дека биле поранешни членови на СДСМ и дека им рекол доколку не сакаат проблеми треба да се докажат. Од задниот џеб извади пари и ми рече да докупиме уште 30 маски.  Отидовме, купивме уште 30 маски, по што се вративме во ‘Дион’. Сега е денот да се покаже дали се само набилдани кретени, без муда, рече Нинџа“, сведочеше Младеновски.

    Тој кажа дека кратко по тоа почнале да пристигнуваат со маиците.

    „Прво дојдоа од ‘Тодор Александров’, Нинџа ги смести во Дион, потоа од здружението ‘Ќосето’, тука го видов Горан Ангелов со уште 5 луѓе. Во тие моменти, Нинџа замина од ‘Дион’ и рече дека оди да се види со својата сопруга од кафе-бар ‘Тренд’, потоа се врати. На стрим од мобилен видовме дека во Собрание се пее албанска химна. Во ‘Дион’ се створи атмосфера на нетрпение, луѓето сакаа да одат на протестите, по што Нинџа кажа дека е рано. Некаде околу 18.40 часот, по краток повик Кољо ни кажа дека Нинџа рекол да тргнеме кон протестите. Тргнавме во група од околу 50 луѓе, се движевме низ ГТЦ и негде кај Жена-парк Кољо рече дека се влага во Собранието, да ставиме маски. Некои ставија, некои не. Кога пристигнавме пред Собранието вратите биле отворени, влегле внатре“, рече Младеновски.

    „Откако излеговме, во паркот кај ‘Прометеј’, ги сретнав Кољо и Нинџа. Дојдоа за кратко сите. Дојде и Дејан Димковски-Боксер од УБК, ни рече да не се секираме, дека сите камери ги искршил. Дојде и Игор Југ, се жалеше го оставиле сам. Беше кажано дека во 10 часот Иванов ќе има обраќање и ќе прогласи воена состојба. Дека воена полиција веќе има кај Групчин. Но тоа не се случи, Иванов во 10 повика на мир. Димковски кажа дека таа информација ја добил од лице Синиша кое работи кај Иванов“, сведочеше Младеновски.

    Синиша Алексовски е советник за национална безбедност на претседателот Ѓорге Иванов.

    Младеновски кажа дека во еден момент се слушнало оти групи Албанци вооружени се спремаат да дојдат кон Собранието.

    „Тогаш Нинџа рече да се види со Никола Бишковски-Прскач. Бил кај возило што било полно со автоматски, полуавтоматски пушки и пиштоли. Но, ништо не се случи од тоа. Го прашав Нинџа што ќе се случи ако дојдат вооружените Албанци? Нинџа ми рече дека има луѓе што знаат да пукаат. Се слушаа шок бомби од Собранието. Се збореше народот дека е предаден. Отидовме пак во ‘Дион’. Дојде Никола Бошковски-Прскач. Од некоја причина беше среќен. Си отидовме дома. По ова, Нинџа го фати параноја. Се гледавме и во наредните денови, ама нè претресуваше секогаш”.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира