Ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Владимир Атанасовски доби 30 дена притвор, одлучи Судот по распитот ноќва, откако на 3 декември на судењето обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, како и обвинетиот Захарие Симовски го посочија како еден од организаторите на нападот на Собранието на 27 април лани. Притворот е досуден на барање на Обвинителството за организиран криминал, кое покрена предистражна постапка за кривично дело Здружување заради непријателска дејност.
Обвинителката и шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска рече дека за Атанасовски побарала мерка притвор од 30 дена по 3 основи: опасност од бегство; влијание врз сведоци за што е способен со оглед на функцијата што ја извршувал; опасност од повторување на кривичното дело. Таа појаснувајќи го третиот основ по кој бара притвор за Атанасовски, рече дека во моментов се протестира пред Собранието и тие се мирни протести, но и дека протестите на „За заедничка Македонија“ беа мирни, па на крајот резултираа со крвав настан на 27 април 2017.
Обвинителството има рок од 6 месеци да ја заклучи оваа истрага која вечерва ја отворивме, рече Русковска и најави дека ќе се прошири истрагата и на други лица осомничени за организираниот напад на Собранието.
Обвинителството за организиран криминал и корупција го товари Атанасовски за кривично дело „Здружување заради непријателска дејност“ по член 324 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетите 33 лица за нападот на Собранието се за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Атанасовски сега е ангажиран од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски како негов советник за безбедност, а бил на апанажа до 16 јуни 2018. На функцијата директор на УБК дојде на први септември 2016, откако Сашо Мијалков си поднесе оставка поради судирот на полициските сили со вооружена група од Косово во кумановската населба Диво Насеље, кога загинаа осуммина припадници на МВР. На функцијата Атанасовски остана до 16 јуни 2017, додека сè уште не беше почната истрага за организирањето на нападот на Собранието на 27 април и на сè што им претходело на тие настани.
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА АТАНАСОВСКИ ЗА ДА НЕ ИЗБЕГА
- ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ УАПСЕН ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО, РУСКОВСКА БАРА ПРИТВОР
Г. ТРПЕНОСКИ