„Мерцедесот“ во кој се возеше поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, ќе го вози директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски. Со одлука на градоначалникот Петре Шилегов, возилото се дава на трајно користење на Зоолошка, а одлуката треба да биде усвоена на седницата на Советот на Град Скопје која ќе се одржи в понеделник.
Во февруари годинава, Шилегов рече дека планира да го продава возилото оти е старо и небезбедно.
„Возилото не е функционално, старо е 15 години, небезбедно и ја загрозува животната средина“, изјави Шилегов.
„Мерцедесот“ во кој се возеше Трајановски му беше даден од Агенцијата за управување со одземен имот, бидејќи стариот постојано се расипуваше. Откако Шилегов дојде за градоначалник рече дека нема да се вози во „мерцедесот“ на неговиот претходник туку во службениот „пасат“.
„Мерцедесот“ е произведен во 2003 и има поминато 14.000 километри. Откако Шилегов стана градоначалник, тоа стои паркирано во дворот на бараките на Град Скопје, веднаш до неговиот кабинет.
А. АНТЕВСКА