Од ноќеска стапи на сила новиот возен ред на Македонски железници, кој ќе важи следните 12 месеци. Нема поголеми промени во тргнувањето на патнички возови во земјава, а и натаму Скопје останува само со една меѓународна железничка линија. Меѓународен е единствено возот кој попладне сообраќа до Приштина, Косово, а претпладне од Приштина кон Скопје. Меѓународниот воз од Белград за Солун и обратно, кој есенва од Српските железници беше укинат поради малиот број на патници, ќе вози повторно од следната година од јуни, времено како туристички сезонски во текот на летните месеци.
Во внатрешниот патнички сообраќај ќе возат 15 пара возови, од Скопје до Табановце и до Велес по 4, до Битола 3, до Гевгелија два и до Кочани и Кичево по еден. Исто толку возови има и од овие градови кон Скопје. Иако летово на 5 август од МЖ транспорт најавија дека времено нема да сообраќа брзиот воз Пелагонија експрес од Скопје за Битола и обратно, и тој и по 5 месеци уште нема да биде пуштен во сообраќај. Времето на поаѓање според железничкиот возен ред за следната година е без малку идентично со годинашното.
П. ПЕЧКОВ