МИ ГО СПАСИЈА ЖИВОТOT ДАВАЈЌИ МИ ДЕЛ ОД СВОЕТО НАЈМИЛО, ВЕЛИ ЕДЕН ОД ДВАЈЦАТА ПАЦИЕНТИ КОИ ДОБИЈА БУБРЕГ ОД ДАРИТЕЛ СО МОЗОЧНА СМРТ

    МИ ГО СПАСИЈА ЖИВОТOT ДАВАЈЌИ МИ ДЕЛ ОД СВОЕТО НАЈМИЛО, ВЕЛИ ЕДЕН ОД ДВАЈЦАТА ПАЦИЕНТИ КОИ ДОБИЈА БУБРЕГ ОД ДАРИТЕЛ СО МОЗОЧНА СМРТ„Често се слушам на телефон и со пациентката, која го прими вториот бубрег и таа е добро. Двата бубрега, и кај неа и кај мене, одлично работат. Се договоривме со пациентката од сега да се викаме брат и сестра, сега имаме иста крв во нас“, вели Кирил Јанчовски, еден од двајцата пациенти со бубрежна болест кои добија бубрег со кадаверична трансплантација. - Неколку дена по операцијата (Фото: Фејсбук)

    Телефонски повик во 23 часот пред две недели целосно му го промени животот на 35-годишниот Кирил Јанчовски од Скопје, еден од двајцата пациенти кои минатиот месец на Клиниката за урологија добија нов бубрег од дарител со мозочна смрт.

    Нему и двата бубрега му откажале поради брзата и прогресирачка болест поради што неколку години секојдневно одел на дијализа. Во моментот кога изгубил надеж дека ќе може да добие нов бубрег, бидејќи не можел да најде сроден дарител во семејството, заѕвонил телефонот и му се јавил докторот од Клиниката за нефрологија.

    „Само што си легнав да спијам, изморен од денот и дијализите, ми заѕвони телефонот. Беше 11 часот навечер. Ме бара докторот. ’Доаѓај, имаме бубрег за тебе‘. Во тој момент ми претрна целото тело, збунет и исплашен му реков на лекарот, дајте ми само пет минути да размислам што ми се случува. Пет минути, како пет часа, како пет тона, илјадници мисли ми минаа низ глава. Од една страна се плашев како ќе заврши, од друга бев свесен дека е тоа мојата единствена шанса за живот“, вели Јанчовски.

    Тој раскажува дека во тие пет минути помислил на сите луѓе што ги знае, но и на оној од кого го добил бубрегот и дека тој засекогаш ќе биде дел од него, иако човекот не го познава.

    „Не знаев од кого е бубрегот, но бев свесен дека е во прашање човек кој починал. Додека во следните пет минути патував до клиниката се трудев да не мислам на ништо, многу чуден вакум во главата, сакав само добро да заврши, вели Кирил.

    Тој вели дека претходно неколку години се лекувал на дијализа, која траела и по пет часа.

    „Комплетно ме празнеше како човек и физички и психички. Станав зависен од столицата и машината за дијализа. Лекарите уште кога ми ја поставија дијагнозата ми рекоа дека ми треба трансплантација на бубрег. Родителите веднаш се пријавија. Но, со татко ми бевме различна крвна група, а по долгите испитувања, излезе дека мајка ми има оштетувања и не може да ми даде бубрег. Тогаш како да ми пропадна светот, чекав решение, но не знаев до кога“, раскажува Кирил.

    Тој е сега е дома, но, е во изолација, бидејќи по трансплантацијата организмот нема доволно имунитет. Кирил вели дека првата мисла по операција му била дали е сѐ во ред.

    „Не ме болеше. Од очите на лекарите видов дека се задоволни од операцијата. Не знаев како да им се заблагодарам. Тие се моите херои, ми го вратија животот назад“, раскажува Кирил.

    Вели дека нема ден да не помисли на семејството на дарителот, и дека иако не знае кои се, сака да ги види.

    „Не сум сигурен дека ќе најдам зборови со кои би можел да кажам благодарам. Секој збор е малку во споредба со нивната одлука. Сакам да ги прегрнам. Тие се вистинските херои. Залудно се прашувам која е таа сила што во најтешкиот момент била пресудна да решат на друг да му дадат живот, на некој непознат да му го спасат животот давајќи дел од своето најмило. Често се слушам на телефон и со пациентката, која го прими вториот бубрег и таа е добро. Двата бубрега, и кај неа и кај мене, одлично работат. Се договоривме со пациентката од сега да се викаме брат и сестра, сега имаме иста крв во нас. Им благодарам на докторите Маја Мојсова, Гоце Спасовски, Сашо Дохчев и на целиот медицински тим, кои нѝ дадоа втора шанса за живот“, вели Јанчовски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира