Легалните такси возачи од Велес револтирани од состојбата со такси превозот во градот се закануваат со протест, доколку до следната средба до надлежните не добијат услови за работа, со кои ќе може нормално да ја вршат дејноста.
„Имаме два сериозни проблеми, тоа се зафатеноста на такси стојалиштата од страна на други возачи и нелегална такси конкуренција. Ова се барања со години да можеме да работиме на своите работни места. Ниту една такси станица не е слободна за нас па ние мораме да паркираме на други места и да создаваме проблеми во сообраќајот. Тоа се наши работни места и бараме да бидат слободни. Нелојална конкуренција од дивите таксисти ни го намалува прометот и нема средства за егзистенција. А мораме да одвоиме средства за да ги платиме трошоциte и затоа бараме поддршка од тие што треба да не заштитат“, вели Тони Јосифов претставник на Здружението на такси возачи од Велес.
За овие нивни проблеми денес побарале помош и од градоначалникот, општинскиот сообраќаен инспектор и сообраќајната полиција. На прашањето кое го поставиле до нив не добиле одговор, за тоа колку казни се изречени затоа што им се зафатени такси места од други возила, ниту колку диви таксисти се казнети за вршење на дејноста.
„За кратко ќе бараме нова средба, по што или државата ќе застане зад нас, бидејќи сме армија од вработени или ќе организираме протест. Овој проблем не е од вчера постојано го алармираме. Дваесет години сум таксист и не сум рекол ниту еднаш дека денес е подобро од вчера. Секогаш е иста приказна. Влегуваат во такси превоз и заминуваат. Нѐ казнуваат па затоа е и намален бројот на легални таксисти во градот“, додаде Јосифов.
На прашањето зошто не ги користат такси стојалиштата кои локалната власт ги одбележа а користат други места, тој посочи дека цртањето било на нефункционални места, за кои тие не биле прашани дали им одговараат.
Според локалната власт, во Велес моментално имало 120 такси возачи со лиценца, уште 10 биле во процедура за добивање, а има потреба од 250 такси возачи. Таксистите посочуваат дека во Законот имало дури 15 одредби со кои тие се казнуваат, а само една за нелегалните. Таа предвидува и одземање на такси возилото. Таксистите тврдат дека во судот таква пресуда немало досега.
П. ПЕЧКОВ