Над стотина вработени од АД „Пелагонија“ денес излегле на протест, прво во централната работилница во земјоделскиот комбинат, а потоа и пред зградата каде што се сместени генералните служби на компанија, со барање да им се исплатат двете заостанати плати.
Работници од Комбинатот за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека не им се исплатени платите за октомври и ноември. Денес од раководството на Комбинатот им било ветено дека ќе им биде префрлена плата и половина. Доколку тоа не се случи, работниците велат дека од понеделник ќе штрајкуваат.
Директорите во компанијата беа недостапни за потврда на информациите од вработените.
Пред еден месец сопственикот на Комбинатот Орце Камчев заедно со Цветан Панделески, член на бордот на директори, завршија во притвор за случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во кој 13 мина се осомничени за злосторничко здружување, измама, перење пари и злоупотреба на службената положба.
Неколку дена подоцна извршители му ја блокираа сметката на Комбинатот по барање на банките и други доверители. Компанијата има долг кон банките од 23 милиони евра.
Според податоците од Македонска берза, АД „Пелагонија“ најголем кредит има земено од Стопанска банка Скопје во износ од 10 милиони евра, па од НЛБ 8,3 милиони евра, од Стопанска банка Битола 3,2 милиони евра, од Комерцијална банка 1,5 милиони евра и кредит од Орка Холдинг од 3,4 милиони евра.
Сепак, сметката беше одблокирана за комбинатот кој располага со околу 4.000 грла говеда и 17.530 хектари земја да може да работи и да ги враќа долговите. Во фирмата има петстотини вработени на кои сега им доцнат платите и доколку не се воспостави редовна исплата, ова може да стане голем социјален проблем во Битолско.
Компанијата во 2011 година ја купи Орце Камчев. Според истражувањето на БИРН веќе следната година ЗК „Пелагонија“ добил дури половина милион евра субвенции за засеани површини со жито. Ако во 2011, субвенциите биле 66.656 евра, во 2012 година веќе станале 504.287 евра за жито исплатени од буџетот. Според истото истражување, ЗК „Пелагонија“ во изминатите години земала субвенции од 1,2 до 1,5 милиони евра годишно за производство на млеко и засеани земјоделски површини. Воедно направиле и вложувања во штали со крави и централи на биогас во Новаци и Породин.
Битолчани се изненадени како еден ваков земјоделски гигант, со големо производство на млеко, жито и други прехрамбени продукти, субвенции, стига до ситуација да прикажува загуби.
Според извештаите во Македонската берза, ЗК „Пелагонија“ во првите девет месеци од годинава остварила оперативни приходи од 1.611,381 денари, а оперативно расходи од 1.754,177 денари. Расходите се поголеми во однос на приходите за 142.796 денари. Друштвото остварило оперативна загуба од 105.843 илјади денари, а загуба од редовно работење во износ од 189.708 илјади денари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА