Штрајк во Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ ќе нема, зашто на вработените им е исплатена една и пол плата. Исплатата се случи во петокот попладнето, откако утрото над стотина вработени излегоа на протест и најавија дека ако под итно не бидат исплатени октомвриската и ноемвриската плата, од денеска ќе стапат во штрајк. По исплатата тие одлучија да не штрајкуваат, но очекуваат надлежните во текот на неделава да си го исполнат ветувањето, да им биде доисплатена уште заостаната половина од ноемвриската плата. Работниците ќе бараат од комбинатот да им плати и К-15.
Пред еден месец сопственикот на Комбинатот Орце Камчев заедно со Цветан Панделески, член на бордот на директори, завршија во притвор за случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во кој 13- мина се осомничени за злосторничко здружување, измама, перење пари и злоупотреба на службената положба.
Неколку дена подоцна, извршители му ја блокираа сметката на Комбинатот по барање на банките и други доверители. Според податоците од Македонска берза, Компанијата има долг кон банките од 23 милиони евра. Сепак, сметката беше одблокирана за „Пелагонија“да може да работи и да ги враќа долговите. Во фирмата има околу петстотини вработени.
Ж. ЗДРАВКОВСКА