„ГАЛЕБ“ Е ПРЕТСТАВА ЗА БОРБАТА ЗА НЕОСТВАРЛИВА ЉУБОВ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА НИКОЛИЌ ЗА ВЕЧЕРАШНАТА ПРЕМИЕРА ВО МНТ

    „ГАЛЕБ“ Е ПРЕТСТАВА ЗА БОРБАТА ЗА НЕОСТВАРЛИВА ЉУБОВ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА НИКОЛИЌ ЗА ВЕЧЕРАШНАТА ПРЕМИЕРА ВО МНТРежисерката вели дека класиката „Галеб“ на Чехов е текст за храброста на младите генерации автори во борбата со оние кои заминуваат од културната сцена, а кои сѐ уште се борат да ги задржат своите позиции во уметничките и театарските кругови во општеството (Фото: Д. Димески)

    Драмата „Галеб“, која се смета за една од четирите најдобри дела на Антон Павлович Чехов (1860-1904), вечерва (20 часот) во режија на Нина Николиќ, премиерно ќе се изведе во Македонскиот народен театар (МНТ). Ова е трето поставување на „Галеб“ во 73-годишната историја на МНТ, по поставките на режисерите Димитар Ќостаров во 1960, и на Бранко Ставрев во 1990.

    Режисерката Николиќ вели дека „Галеб“ е текст за храброста на младите генерации автори во борбата со оние кои заминуваат од културната сцена, а кои сѐ уште се борат да ги задржат своите позиции во уметничките и театарските кругови во општеството.

    „Станува збор за текст во кој е јасно нагласено дека човек мора до крај да се бори за она во што верува и за она кое природно му следува. Драмата содржи приказна актуелна за сите нас, луѓето, кои копнееме за возвратена љубов, но и кои сме подготвени до крај да се бориме за невозвратената или неостварливата љубов во која веруваме. Драмата раскажува приказни кои се универзални и кои се движечка сила на човекот воопшто, бидејќи ништо не се променило од пред 120 години кога Чехов го напишал текстот“, вели Николиќ.

    Дарја Ризова, Звезда Ангеловска и Благој Веселинов во сцена од „Галеб“ (Фото: Д. Димески)

    Играат Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Дарја Ризова, Петaр Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Сашка Димитровска, Славиша Кајевски, Тина Трпкоска, Дамјан Цветановски и Аксел Мехмед.

    Сценографијата е на Вишња Вујовиќ од Србија, дизајнот на светло е на Крис Јегер од Велика Британија и кореографијата на Димитрис Сотириу од Грција. Композитор на главната музичка тема во претставата е македонскиот виртуоз на гитарата Влатко Стефановски. Постојани соработници на повеќе претстави на Николиќ се драматургот Драгана Лукан-Николоски и костимографката Ивана Каранфиловска-Угуровска.

    Пред премиерата на „Галеб“, во фоајето на МНТ ќе биде отворена и изложба со која ќе биде одбележан јубилејот на доајенот на македонското актерство Петар Арсовски.

    „Изложбата ‘Петре Арсовски’ 50 години театар’ е визуелно сведоштво за животот на сцената на актерот Петре Арсовски. Преку фотографии, плакати и останати експонати на дел од претставите во кои игра, а се во продукција на МНТ, целта е да се прикаже развојот и низата остварени ликови на еден од најпочитуваните актери во македонското глумиште и жива легенда на македонскиот театар и филм“, најавува МНТ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира