САЛИВЕН ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО КООРДИНАТОРИТЕ ВО СОБРАНИЕТО, МЕЃУ НИВ И КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА, НО НЕ И СО МИЦКОСКИ

    САЛИВЕН ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО КООРДИНАТОРИТЕ ВО СОБРАНИЕТО, МЕЃУ НИВ И КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА, НО НЕ И СО МИЦКОСКИПокрај Заев, заменик-државниот секретар на САД Џон Саливен се сретна со министерот за надворешни работи Никола Димитров, а најавена е и средба со претседателот на државата Ѓорге Иванов. - Саливен на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Владата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Заменик-државниот секретар на САД Џон Саливен покрај премиерот Зоран Заев ќе се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафери и потпретседателите во Собранието.

    По средбата со Џафери и потпретседателите Горан Мисовски, Фросина Ременски и Весел Мемеди, Саливен ќе има средба и со координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, и независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Томислав Тунтев, Никола Мицевски, Ејуп Алими и Елизабета Канческа-Милевска. На средбата ќе присуствува и претседателот на Собранието Талат Џафери.

    Претходно, Саливен се сретна со министерот за надворешни работи Никола Димитров, а најавена е и средба со претседателот на државата Ѓорге Иванов.

    Заменик-државниот секретар Саливен нема да се сретне со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но нема најава за средба и со другите лидери на политичките партии.

    Заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД Метју Палмер на 22 октомври годинава беше во посета на Македонија и се сретна со сите лидери на политичките партии, освен со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

    Палмер тогаш изјави дека тоа што нема да се сретне со Мицкоски не значи дека е некоја порака.

    „Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски испрати писмо до Вес Мичел, кое јас внимателно го прочитав. Тоа што не се сретнав со него не значи дека е некаква порака“, изјави тогаш Палмер.

    Палмер тогаш не се сретна ни со претседателот Ѓорге Иванов, а имаше средби со лидерот на ДПА Мендух Тачи, на ДУИ Али Ахмети, и со лидерите на двете крила на Движењето Беса Биљал Касами и Африм Гаши.

    Помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, на 16 октомври му испрати писмо на Мицкоски во кое пишуваше дека САД е разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот. САД тогаш побараа од него да создаде простор за пратениците да одлучат како ќе гласаат за уставните промени ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда.

    Мицкоски, во одговорот на писмото на Мичел рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ едногласно го прифатила ставот дека уставните измени кои се во собраниска процедура се неприфатливи.

    „Овој Договор е штетен за интересите на мојата нација и татковина и како таков е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ“, му одговори Мицкоски на Мичел.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира