Петнаесет новинари кои известуваа од Собранието за време на организираниот напад на 27 април 2017, покренаа иницијатива за тужба против државата за надомест на штета. Новинарот Боби Христов, кој е еден од иницијаторите, рече дека во моментов се во консулатција со правен тим и можно е тужбата да биде проширена и во граѓанска постапка за да се утврди одговорноста на поединци, кои со преземање или не преземање одредени дејства придонеле за настанатата ситуација.
„Зад инцијативата сме петнаесетина новинари, но таа е отворена за сите колеги, фоторепортери, сниматели, а некаде после празниците сите кои сакаат да учествуваат во иницијативата можат да се приклучат и да ја продолжиме постапката“, кажа Христов.
Новинарот Горан Трпеноски информираше дека во инцијативата сакале да се приклучат и вработени во Собранието, но нагласи дека во неа можат да се вклучат и оние новинари-извествувачи од настаните кои биле надвор од Собранието.
Новинарите ќе ја тужат државата според членот членот 166 од Законот за облигационите односи – „Одговорност поради терористички акти, јавни демонстрации и манифестации“. Законот за облигационите односи предвидува дека за штетата од акти на насилство или терор, како и при јавни демонстрации одговара државата, без оглед на постоењето на вина, додека државата има право и обврска да бара надомест на исплатениот износ од лицето кое ја предизвикало штетата.