По добиено позитивно мислење од обвинителството за организиран криминал, Кривичниот суд ги амнестира и водачите на протестите „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски – Бетмен, Владо Јовановски и Борис Дамовски.
Тие со говорите ја повикуваа толпата на 27 април лани да влезе во Собранието. Беа обвинети за теророристичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Со вчерашните 10 амнестирани, досега од процесот со 33 обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, излегоа 13 обвинети.
Вчера беа амнестирани пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски, како и социјалистот Љупчо Димовски
Во првата тура, покрај овие пет обвинети за организираниот напад на 27 април лани, амнестирани беа уште и вработените во кабинетот на Трајко Вељаноски, експретседателот на Собранието, обвинетите Елена Доцевска – Божиновска и Иван Цветановски, потоа телохранителот на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, Захарије Симовски, браќата Стефан Младеновски и Михаил Младеновски, Митре Питроповски (со фантомка, ама според снимките пасивен набљудувач) и Илија Славевски, кој исто така е во притвор како Питроповски. Питроповски и Славевски излегуваат од притвор.
„Останатите барања за кои од обвинителството е добиено негативно мислење советот донесе решенија со кои истите се одбиваат како неосновани. За сите решенија, согласно Законот, обвинетите имаат право на жалба во рок од 3 дена до повисокиот суд. Сите останати барања, во одделот Кривично полнолетни, се во фаза на одлучување и во законски утврдениот рок ќе бидат донесени решенија кои ќе бидат доставени до странките, а јавноста ќе биде благовремено известена“, соопшти Основниот суд Скопје 1.
С. К. ДЕЛЕВСКА