ЗА УТРЕ ОДЛОЖЕНА СЕДНИЦАТА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ, НЕМА ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО БЕЗ БЕСА НА КАСАМИ

    ЗА УТРЕ ОДЛОЖЕНА СЕДНИЦАТА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ, НЕМА ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО БЕЗ БЕСА НА КАСАМИСедницата што требаше да почне во 13 часот, не почна затоа што нема двотретинско мнозинство оти уште се преговара за барањата на тетовското крило на Беса на Билал Касами; - од протестите на „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“ (Фото: К. Попов)

    За утре во 12 часот е одложена собраниската седница на која што треба да се гласа за уставните измени, предвидени со Договорот од Преспа со Грција. По неколку одложување денеска, седницата беше конечно одложена за утре затоа што власта го нема потребното двотретинско мнозинство оти сè уште преговара со тетовското крило на Беса на Биљал Касами.

    Пред Собранието и денеска протестираа од „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“, а на посебна импровизирана бина говореше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

    Мицкоски, во придружба на дел од партискиот врв, повторно ги одби уставните измени за кои смета дека ќе донесат промена на име и на идентитет на македонската нација. Тој рече дека ги разбира оние пратеници кои ќе гласаат за уставните измени оти се уценети и притиснати, ама не ги оправдува и рече дека единствениот политички противник на ВМРО-ДПМНЕ е Зоран Заев и СДСМ. Тој го обвини Заев дека тргува во Парламентот за да обезбеди 80 пратеници за промена на името на земјата.

    „ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ви ветувам дека ќе сториме сè Договорот со Грција да не се случи оти е штетен. Јас ова прашање ќе го отворам во секоја прилика, дали ќе успеам не знам и не можам да ветам ништо, но ќе сторам се за да успеам заедно со вас тоа што некој сега бесрамно го продава да си го вратиме назад“, рече Мицкоски.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одржа говор на протестот пред Собранието. (Фото: К. Попов)

    Утринава, премиерот Зоран Заев за преговорите со Беса на Касами рече дека се разговара околу техничката формулација на државјанството „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“ во уставните измени, предвидени со Договорот од Преспа. Како што кажа Заев, станува збор за игра на зборови.

    Осумтемина независни пратеници, кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ откако гласаа за потребата од донесување уставни измени, се против барањата на Беса.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира