БИТОЛА ТРАГА ПО НАСЛЕДСТВО ОД ГРЦИЈА СТАРО 92 ГОДИНИ

    БИТОЛА ТРАГА ПО НАСЛЕДСТВО ОД ГРЦИЈА СТАРО 92 ГОДИНИБраќата Теохар и Јован Димитриу-Пиника во 1896 во Националната банка во Грција за Битола оставиле 10.000 златни фунти, барајќи главнината да остане во банката, но каматата да се употребува за Битола за добротворни цели. - Широк Сокак (Фото: СДК.МК)

    Се раскажува дека 92 години Битола не добива ни банка од наследството што во тестаментот ѝ го оставиле двајца нејзини поранешни жители, браќата Теохар и Јован Димитриу-Пиника. За некои битолчани ова е само приказна, но хроничари случајот го истражувале и велат дека постојат факти за тоа. Според нивните истражувања, во 1896 година браќата печалбари во Националната банка во Грција за Битола оставиле 10.000 златни фунти, барајќи главнината да остане во банката, но каматата да се употребува за Битола за добротворни цели. Со наследството сакале да вратат долг кон родното место.

    „Живееле во Битола кон крајот на 19 век, многу сиромашни. Немало друг спас освен да тргнат на печалба. Но, немале пари да го платат патот. Влегле во црквата ‘Свети Димитрија’ и украле сребрен бутир со ветување дека ако спечалат пари стократно тоа ќе го вратат“, вели хроничарот и професор Александар Стерјовски кој подолго време го истражувал случајот и за него пишува во книгата „Калеидоскоп“.

    Браќата Теохар и Јован Димитриу-Пиника го изградиле стариот објект каде што денес е сместен дел од Библиотеката (Фото: СДК.МК)

    Браќата заминале за Египет, живееле во Александрија, се занимавале со производство и трговија на памук. Станале едни од најбогатите луѓе. Според ветеното ја помагале Битола, го обновиле покривот во црквата „Свети Димитрија“, го изградиле стариот објект каде што денес е сместен дел од Библиотеката, болницата „Благовештение“, училиштето во село Буково, дел од објектите на денешното училиште „Гоце Делчев“ во Битола и секоја година подготвувале по пет сиромшни девојки за мажење.

    Според ветеното ја помагале Битола, го обновиле покривот во црквата „Свети Димитрија“ од каде украле сребрен бутир со ветување дека ако спечалат пари стократно тоа ќе го вратат (Фото: СДК.МК)

    „Двајцата не добиле потомство. Пред смртта направиле тестамент. Јован во 1896 година оставил во Националната банка во Грција 10 илјади златни фунти. Главнината да остане, а каматата да се употребува за градот. Пари во Битола од банка во Атина доаѓале до 1927 година. Потоа, градот територијлно се поширил на поголем простор, па не одговарал на фактичката состојба и прекинале доставките“, вели Стерјовски.

    Тој стапи во контакт со адвокати од Грција, но од банките во Атина му рекле дека таков таков тестамен нема.
    Стерјовски во својата книга пишува дека сопругата на Теохар, Елени, објектот на тогашната Женска гимназија (денешна Библиотека) во 1924 ѝ го отстапила на Православната богословија. Три години подоцна, побарала да се постават бисти од сопругот и деверот. Но, тогашните власти во Битола донацијата ја омаловажиле и ја условиле објектот да биде предаден во трајна сопственост на Општината. По ова, пари престанале да стигнуваат во Битола.

    За богатството на браќата Пиника пишувал и Андонис М. Колцидас, автор на книгата „Историја на Монастири, Пелагонија и околината“ од 2003. Во неа има податок дека според сметсководствените записи од 1893, богатството на Јован Димитриу изнесувало 7,6 милиони египетски пари. Со тестаментот, најголем дел од богатството наследила сопругата на Теохар, на која и оставил обработливо земјиште, земјоделски машини, стока, магацини, куќа во Александарија, пари во Отоман и Египетска банка.

    И во книгите посветени на историјата на битолската Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ пишува дека е сместена во објектот чии донатори биле двајца браќа по потекло од селото Магарево, кои живееле, работеле и умреле во Александрија, Египет, Јован и Теохар Димитриу, попознати по прекарот Пиника.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира