УЈП поднела жалба до Апелацискиот суд во Скопје на Планот за реорганизација на „Фени“ во стечај, што беше прифатен во Основен суд Велес. Оттаму не кажуваат зошто се противат, велејќи дека е деловна тајна.
„Според Законот за даночна постапка, бараните информации и податоци чие доставување може да има штетни последици и да ја повреди доверливоста на постапката, не се предмет на комуникација со јавноста и имаат третман на даночна тајна“, пишува во писмениот одговор од УЈП.
Додаваат дека нивните интереси пред судот ги штити државниот правобранител. На рочиштето одржано во декември во велешки суд, нему не му беше дозволено да образложи зошто ќе гласа против Планот за реорганизација, оти судијката му кажа дека доцна се пријавил за збор.
УЈП е доверител со 7,8 отсто побарувања во вкупната маса на „Фени“ или околу пет милиони евра. Судски неправосилно прифатениот План за реорганизација е подготвен од „Глобал спешлс опуртјунитис“ од Бахами, која така ќе стане сопственик на „Фени“.
Во првиот обид, Апелација заклучи дека немало доказ дека предлагачот ги има средствата за подмирување на сите прифатени доверители со Планот за реорганизација. УЈП имаше многу повисоко барање од 10,5 милиони евра од прифатеното во стечајната маса. „Фени“ е во стечај две години, иако се најавуваше брзо завршување на постапката.
П. ПЕЧКОВ