НОВИ ТРОЈЦА ЗАРАЗЕНИ СО МАЛИ СИПАНИЦИ, ВАКЦИНИРАЊЕ И ВИКЕНДОВ

    НОВИ ТРОЈЦА ЗАРАЗЕНИ СО МАЛИ СИПАНИЦИ, ВАКЦИНИРАЊЕ И ВИКЕНДОВОд почетокот на епидемијата на мали сипаници досега вакцинирани се 2.925 лица (Фото: СДК.МК)

    На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се нови тројца заразени со мали сипаници, соопшти министерството за здравство.

    „Пациентите се со јасна слика на морбили, од кои двајца се возрасни од населбите Карпош и Чаир и едно дете од Чаир. Дополнително, на Клиниката амбулантски се прегледани уште двајца пациенти со полесна клиничка слика и пуштени се на домашно лекување“, велат од Министерството

    Вакцина за МРП (морбили, рубеола, паротит) денес до 13 часот примиле 181 дете, велат од Министерство за здравство.

    „Во текот на викендот, вакциналните пунктови ќе работат од 7.30 до 13 часот, а од понеделник пунктовите ќе продолжат да работат во две смени од 7.30 до 19 часот“, велат од Министерството за здравство.

    Од Институтот за јавно здравје велат дека заклучно со вчерашниот ден пријавени се вкупно 75 лица заболени од мали сипаници, а за 65 од нив има и лабораториска потврда дека имаат морбили.

    „Возраста на заболените се движи од 8 месеци до 42 години. Најголем број од заболените припаѓаат на возрасната група од една до  четири години. Пет деца се на возраст до една година. Во возрасната група над 20 години се заболени 18 лица или 27,7 отсто. Во однос на полот, 34 случаи 52,3 отсто се женски“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

    Од вкупниот број заболени, 55 или 84,6 отсто се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а меѓу невакцинираните има 5 деца под една година кои не подлежат на вакцинација согласно редовниот календар за имунизација.

    „Од вкупниот број заболени, 42 случаи или 64,6 отсто биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Од пациентите кои се лекувани на Инфективна клиника 73,8 отсто се на возраст од една до 4 години. Кај 15 од нив или 23,1 отсто се регистирани компликации, од кои најголем број, односно 12 или 80 отсто, се кај деца на возраст до 4 години.

    Досега најголем број заболени се од Општина Аеродром или 32,3 отсто од случаите.

    „Според последните податоци, доставени од Здравствен дом Скопје беше утврдено дека од 41.189 деца на возраст од 1 до 5 години, невакцинирани се 12.437 или 30 отсто од децата кои подлежат за вакцинација. Од вкупниот број училишни деца 63.815 на возраст до 14 години во град Скопје, невакцинирани се 3.924 деца 6.1 отсто. Најголем број невакцинирани деца се од  прво одделение, или 1.532 од вкупно 7.494, што е 20 отсто“, велат од Институтот за јавно здравје.

    Од почетокот на епидемијата до 13 јануари вакцинирани вкупно 2.925 деца.

     

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира