СДСМ оваа недела прво во партиските тела, а потоа и со коалициските партнери ќе разговара дали со претседателските избори напролет да се одржат и предвремени парламентарни избори, како што побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„Оваа недела очекувам сериозни разговори и во рамките на коалицијата, и во рамки на СДСМ околу прашањето дали заедно со претседателските ќе имаме и парламентарни избори“, одговори на новинарско прашање Шекеринска на заедничката прес-конференција со словенечкиот министер за одбрана Карл Ерјавец.
На прашањето дали ќе биде претседателски кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, Шекеринска рече дека прво своите ставови ќе им ги соопшти на колегите, а потоа на медиумите.
„Мислам дека целиот фокус е она што ви го најавувавме на почетокот на нашиот мандат во следниве неколку недели да го реализираме и така сум убедена дека ќе заслужиме на вистински начин поддршка на било кои избори“, кажа Шекеринска.
Г. ТРПЕНОСКИ