Клиниките и болниците во Скопје се преполни со болни кои се жалат на тешкотии со дишењето, респираторни и вирусни заболувања. Преполни се и Клиниката за детски болсети и Клиниката за пуломологија и алергологија, а со пополнети капацитети е и Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле. Скопје изминатава недела е меѓу 4-те градови со енормно загадување на воздухот во земјава.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија д-р Дејан Докиќ вели дека таму веќе нема место, односно дека сите 50 кревети за хоспитализација се пополнети, и дека покрај трите амбуланти кои работат со пациенти од МојТермин, во амбулантата за пациенти со приоритетни упати дневено прегледуваат меѓу 20 и 40.
„Најчесто се жалат на тешкотии со дишењето, кашлање, собирање на секрет. Повеќето се пациенти со хронични заболувања, како што се астма и хронична опструкттивна белодробна болест. Има препорачуваме редовно да ја земаат терапијата, да не излегуваат надвор без потреба и ако веќе треба да излезат да носат маски со хепа филтер“, вели д-р Докиќ.
Со болни деца преполна е и Клиниката за детски болести, каде според директорката д-р Катерина Ставриќ, за време на дежурство има од 130 до 150 прегледи. Таа вели дека во овој период имаат зголемен број пациенти со респираторни и вирусни заболувања, како и со стомачни вируси.
„Сѐ уште нема децасо грип, но тие што ги прегледуваме и хоспитализираме се со бронхити, вирусни стомачни заболувања или респираторни заболувања. Во моментов имаме околу 130 лежечки пациенти, а во една смена имаме и по 30 прегледи. Немаме пациенти со мали сипаници, сите што се суспектни ги препраќаме на Клиниката за инфективни болести“, вели д-р Ставриќ.
Во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле зголемен е бројот на болни со пневмонии, бронхит и ларингити, а зголемен е бројот деца заболени од грип.
„Во болницата хоспитализирани се 74 пациенти, а дневно се прегледуваат по 100 во амбулантите. Најчесто се со покачена температура, кашлици и ларингит, бронхит, опструкции и овде доаѓаат пациенти од цела Македонија“, вели директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле д-р Ангелчо Андоновски.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека родителите навечер и за време на викенд децата може да ги носат и во педијатриските пунктови во поликлиниките Ѓорче Петров, Јане Сандански и Бит пазар, кои беа отворени од Нова година. Овие пунктови беа отворени за да се намали притисокот од пациенти на Клиниката за детски болести и во Институтот во Козле.
„Им препорачуваме прво таму да се обратат, а доколку има потреба да ги носат на Клиниката за детски Болести и во Институтот за белодробни заболувања“, вели Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА