СЛУЧАЈОТ „ТАЛИР“ ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ НЕ Е ЗАГРОЗЕН, ПРЕД ВРХОВЕН СУД ОСПОРЕНИ ИСТРАГИТЕ НА СЈО ЗА АХМЕТИ, ОСМАНИ, МИЛОШОСКИ, ЈАНУШЕВ…

    СЛУЧАЈОТ „ТАЛИР“ ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ НЕ Е ЗАГРОЗЕН, ПРЕД ВРХОВЕН СУД ОСПОРЕНИ ИСТРАГИТЕ НА СЈО ЗА АХМЕТИ, ОСМАНИ, МИЛОШОСКИ, ЈАНУШЕВ…Со иницијативите се оспоруваат десетици предистраги и нови истраги на СЈО, отворени по 30 јуни 2017 година, од кои повеќето се завршени и чекаат нов закон за статусот на СЈО, за да бидат покренати обвиненија. - Специјалните обвинителки Ленче Ристоска, Катица Јанева и Фатиме Фетаи (Фото: СДК.МК)

    Врховниот суд на општа седница на 30 јануари ќе расправа по две иницијативи од адвокати на обвинети лица во случаите на СЈО, со кои се оспорува најновото обвинение „Талир“ за милионски суми испрани пари во ВМРО-ДПМНЕ, но и сите предистраги и истраги што ги покрена ова обвинителство по 30 јуни 2017 година.

    Врховните судии ќе треба да одлучат дали по истекот на тие законски 18 месеци од преземањето на прислушуваните разговори, може да покренуваат нови случаи поврзани со нив. Ако заседаваат за да донесат начелен став, па макар и да пропаднат сите истраги на СЈО поведени по 30 јуни 2017 година, тој став ќе треба задолжително да се почитува.

    Во СЈО велат дека Законот за Специјалното јавно обвинителство кажува дека за 18 месеци мора да се покрене обвинение и оти тој рок одамна е поминат, но потсетуваат дека Законот никаде не забранува да се покренуваат нови истраги во врска со бомбите. Оттаму тврдат дека секако овие истраги ќе преживеат, ако треба да му бидат предадени и на редовното јавно обвинителство. За сите има материјални докази и сведоци и бомбите може слободно да отпаднат од листата на докази.

    Со иницијативите се оспоруваат десетици предистраги и нови истраги на СЈО, од кои повеќето се завршени и чекаат нов закон за статусот на СЈО, за да бидат покренати обвиненија. Од одлуките на највисокиот суд ќе зависат и истрагите против Али Ахмети и Никола Груевски за пописот, истрагата „Пациент“ на Бујар Османи, „Моќник“ на Антонијо Милошоски, за злоупотреба на патните трошоци на Силвана Бонева и други пратеници, „Странски служби“ за креирањето случај за наводно прислушување од странски служби, но и многу крупни истраги како „Скопје 2014“, криминалот со увозот на струја каде на распит беше викнат Груевски и десетици, „Пропаганда“ за медиумите, „Дизајн“ за двокатните автобуси, „Актор“ за перење пари и десетици други случаи.

    За обвинението на „Талир“, велат, ништо не е спорно, бидејќи има дел во него преземен од редовното обвинителство, кое претходно веќе имало почнато предистражни дејствија по извештај на Државниот завод за ревизија. Во „Талир“ меѓу другите се обвинети: Никола Груевски, Кирил Божиновски и Илија Димовски, како и партијата ВМРО-ДПМНЕ како правно лице.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира