ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ УТРЕ ПОПЛАДНЕ ЌЕ ГЛАСА ЗА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА

    ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ УТРЕ ПОПЛАДНЕ ЌЕ ГЛАСА ЗА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПАУтринава, членови на грчката Комунистичка партија (ККЕ) закачија паноа со натписи на грчки и англиски против Договорот од Преспа близу храмот Партенон на ридот Акропол (Фото: АП)

    Грчкиот парламент одлучи утре во 14.30 да гласа за Договорот од Преспа, со кој треба да се стави крај на 27-годишниот спор за името помеѓу Грција и Македонија и кој, меѓу другото, предвидува новото име на државата да биде Република Северна Македонија. Гласањето требаше да биде ноќва по полноќ, но одложено е затоа што има голем број пратеници кои се пријавени за дискусија и нема да стигнат да зборуваат во рокот кога расправата требаше да заврши. Расправата ќе се одвива ноќва до 1.30 часот и ќе продолжи утре сабајле.

    Грчката министерка за туризам Елена Контура, која го поддржува Договорот од Преспа, рече дека добила смртни закани зашто решила да остане на функцијата откако нејзината партија Независни Грци ја напушти владината коалиција со премиерот Алексис Ципрас.

    „Примив фотографии со мртви жени, заканувачки повици на телефон и пораки на телефон и на Интернет. Ако нешто му се случи на моето семејство или мене, вината ќе биде не само на сторителите туку и на они кои ги поттикнуваат“, рече Контура и ги повика политичките противници да ги осудат заканите.

    Утринава, членови на грчката Комунистичка партија (ККЕ) закачија паноа со натписи на грчки и англиски против Договорот од Преспа близу храмот Партенон на ридот Акропол. Околу 1.500 полицајци се распоредени низ Атина поради најавени повеќе демонстрации против Договорот.

    Во Северна Грција, стотици земјоделци и жители го блокираа главниот грчко-македонски премин Евзони и покрај силното полициско обезбедување. Сообраќајот е пренасочен кон двата други премина кои се отворени. Камионите се пропуштаат на Евзони иако има долги редици.

    За усвојување на Договорот, на премиерот Ципрас ќе му бидат доволни и половина од присутните пратеници, но тој кажа дека сака апсолутно мнозинство од 151 пратеник и грчките медиуми најавуваат дека ќе успее во тоа.

    Македонското Собрание минатиот месец го ратификуваше договорот и откако ќе помине и во Атина, Македонија конечно ќе може да го почне процесот на придружување кон НАТО и Европска Унија, на што Грција досега постојано ставаше вето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира