1. Сирота Тамара. Мора многу да ја болело штом сè уште ги бранува духовите на цела држава. Шокот од нејзината смрт е толку голем што сè уште татни, дури и посилно од бомбата на Заев за прислушувањето.
И добро е што она неформално здружение на граѓани своите трибини за одбрана на Македонија ги почна од Велес, родниот град на деветгодишното девојче. Добро е што загрижените патриоти рекоа дека ќе ја бранат Македонија преку институциите на државата. Истите институции кои ја испратија малечката сограѓанка Тамара Димовска на лекување во странство, само два дена по нејзината смрт.
Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека не чувствува одговорност за смртта на девојчето, но многу жали. Директорката на Фондот за здравство Маја Парнарџиева – Змејковска се правдаше дека “Фондот сторил сè што е во законска можност”. И на крајот, заменичката на лекарската комисија која одлучувала дали Тамара треба да се оперира во странство д-р Аспазија Софијанова рече дека таа ја потпишала, иако не се согласувала со одлуката. Оти одлуката каде ќе се лекува Тамара стигнала од повисоко ниво. Зошто? Затоа што чекале да се отвори новиот државен центар за сколиози. Така значи. Девојчето им требало за реклама. За пропаганда умре Тамара. За да се сликаат.
Така е тоа во нашиот систем на институции кои функционираат само во рекламите. Некој од горе кажува сè. А не верувам дека Господ и` се јавил на Комисијата.
Ова е најтежок доказ за бруталната неморалност на системот, во кој законот важи само за обичниот непривилегиран човек. Дали законот ќе важеше ако беше нивно дете во прашање? Дали нивните деца би ги чувале за промоција на уште еден успех и реформа во здравството?
2. Истиот ден кога Парнарџиева се правдаше во кои случаи законот не дозволува да се спаси детски живот, излезе и снимката од телефонски разговор меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески. Од тоа што беше презентирано, меѓу другите законски работи во муабетот, дознавме и како министрите се договараат да вработат бивша пратеничка. Оти законот сигурно тоа го дозволува.
3. Кога системот убива дете, што останува за утеха? Луѓето седат пред компјутер и на мобилен телефон, се закачуваат на Фејсбук и на Твитер и – колнат. Фрлаат клетви од кои те фаќа ужас.
Никој не вика дека ќе оди на суд. Дека ќе тужи, ќе бара отштета. Никој не очекува дека некој ќе заврши в затвор, дека ќе плати казна, дека ќе си даде оставка или, едноставно, ќе го сменат од функцијата.
Нели, во духот на христијанството, не е убаво да колнеш. Ама во Македонија изгледа дека луѓето само од тоа не се плашат. Да фрлаат клетви. Оти немаат доверба во министерот за здравство, немаат доверба во Фондот за здравство, немаат доверба во лекарска комисија, немаат доверба во анкетни комисии, немаат доверба во народен правобранител, немаат доверба во новинарите, немаат доверба во весниците, немаат доверба во телевизиите, немаат доверба во јавното обвинителство, немаат доверба во судството… А сетики, барем за нешто мора да се надеваш. Па на луѓето им остана да се надеваат дека сепак постои некоја вселенска правда и рамнотежа. А за оние што се верници, божја милост и божја казна.
Каде живееме ние? Во кој век е вратена Македонија, па единствена надеж за правда останаа клетвите?
4. Оооо, па само тоа било? Па ние мислевме којзнае што има на снимките. Така реагираше збунетата публика на која и` беше соопштено дека некој ги снимал, ама, ете, тие не знаат што да мислат за тоа.
Затоа на помош излегоа некои неименувани експерти што ги цитираат во непотпишани текстови. Тие ни кажуваат дека не било добро сите да живееме под заложништво на Заев. А што велат експертите? Дека за разлика од Заев, добро е да се живее како заложник на Груевски? Експертите го осудуваат и објавувањето на прислушувани разговори. А не го осудуваат прислушувањето макар и на само еден човек.
Се слушаат ли тие што зборуваат? Или се среќни дека некој друг ги слуша? Оперирани од мозок се? Растоварени од прекумерна интелигенција ли се?
Алооо! Ме слушате ли? Се снима ли? Не сакам да бидам ничиј заложник. Ни на Груевски, ни на Заев, ни на Трпе, ни на Трпана, ни на Хасан, ни на Хисен, ни на Африм, ни на Теута, ни на Станко, ни на Петко… Како може да ви е нормално дека некој ве слушал,ама сега чекате нови снимки да оцените дали тоа било страшно или не, криминално или сексуално, за да го оформите вашето мислење? А во ниту еден момент никој не негираше дека има прислушување, ниту пак, некој се посомнева дека има прислушување. Единствениот сомнеж е кој го прави тоа.
Кое ќе биде главното ветување на идните избори? Гласајте за мене, никој незаконски нема да ве прислушува. Кој ќе вети дека во Македонија”Пуч” веќе никогаш нема да се повтори. Како што не се повторија ни “Сина птица”, ни “Дувло”, ни “Големото уво”. И дека безбедносните служби ќе бидат ставени под парламентарна контрола во Собрание што ќе произлезе од слободни избори. Дека по четврт век демократска Македонија, ќе излеземе од кругот на пропагандата. И конечно ќе влеземе во кругот на институциите.
5. Каде е претседателот Ѓорге Иванов? Зошто не го свика Советот за безбедност штом во земјата се случил пуч, а башка и лидерот на опозицијата на Јутјуб снимка од Кабинетот на премиерот призна дека прислушуваните материјали му ги дала странска служба? Зошто министерот за надворешни работи не му врачи протестна нота на странскиот амбасадор? Зошто не го протера? Протестни ноти и за многу помали работи сме давале .Зошто Иванов не го повлече нашиот амбасадор од таа земја? И тоа се прави во држави со институции.
Наместо тоа, нè убедуваат со непотпишани текстови на експерти прочитани на вести, дека земјата ни е нападната од странство. А граѓаните, се разбира, им веруваат на експертите. Дури и ако немаат име.
6. Како Владата ќе вработи 3.000 луѓе на државна плата на кои досега им давале само хонорари? Од каде ќе најде пари?
Дали тоа значи дека ние во приватните фирми повеќе ќе остваруваме? Дека газдите ќе прават големи профити и ќе плаќаат повеќе даноци во буџетот? Дека нам ќе ни дадат поголеми плати, па повеќе ќе трошиме во самопослуга и со ДДВ-то ќе го полниме буџетот? Убаво што се сетија. Баш фино за нас.
Таква е пазарната логика. Гледаш колку било лесно? Кога ќе почнеш да веруваш дека Господ со твоите пари одлучува кое дете ќе се лекува, а кое ќе умре, тогаш може да веруваш и дека со 3.000 државни вработувања и во приватните фирми ќе рипнат платите. Звучи шашаво? Па и е шашаво.
7. Пратениците во Собранието, на предлог на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ги изменија законите за плаќање придонеси за хонорарците. Рекоа дека направиле опсежна анализа. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски објасни дека законот го донеле кон крајот на јули, и тогаш не се развила дебата за законот.
Лето е. Имаме разбирање. Се мачкале со млеко за сончање и ги пакувале дипломатските пасоши за одмор на Халкидики. А законот морало да се донесе набрзина.
Ги читаат тие законите пред да ги гласаат? Или одлуката за гласање ја добиваат “од горе”?
8. Си гледам вести на телевизија. Вести од паралелниот свет. И не знам што е попарадоксално. Дали тоа што вицепремиерот Зоран Ставрески само три дена откако си го слушна гласот на снимка добиена од прислушување се појави во ТВ-вести и зборуваше за финансиски зони и пруги. А истиот ден возовите не возеа оти машиновозачите штрајкуваа. Или, пак, тоа што новинарката не постави барем едно прашање, кое ќе му овозможеше на Ставрески да ја потврди автентичноста на снимениот разговор или да негира дека тоа е неговиот глас.
Такви се вестите на повеќето приватни телевизии и на јавниот сервис МРТВ. Објавуваат само вести од рајот.
9. А каква вест е кога ќе испратиш писмо за одобрено лекување во странство на родителите на девојче што починало пред два дена?