„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ Е СОВРШЕН ДОКУМЕНТАРЕЦ – ПОЗИТИВНИ РЕАКЦИИ ПО ПРЕМИЕРАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ НА САНДЕНС

    „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ Е СОВРШЕН ДОКУМЕНТАРЕЦ – ПОЗИТИВНИ РЕАКЦИИ ПО ПРЕМИЕРАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ НА САНДЕНССнимателите Самир Љума, и Фејми Даут, режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и продуцентот Атанас Георгиев на премиерата на „Медена земја“ во Јута, САД

    Позитивни рецензии од критичарите, овации и долги аплуази од публиката се првичните реакции по премиерата на македонскиот документарец „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Триесет и осмото издание на фестивалот се одржува од 24 јануари до 3 февруари во Парк Сити, Јута, а „Медена земја“ е во програмата Светски филм за документарци со уште 11 филмови.

    Режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска велат дека работата на документарецот била животно училиште за сите нив

    „Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси. Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“.

    Ентони Кауфман од „Скрини интернешнал“ по премиерата изјавил: „Бев скептичен, но откако го гледав се убедив дека гласините кои се ширеа на Санденс за македонскиот документарец ‘Медена земја’ се вистинити. Овој документарец е совршен колку што еден документарец би можел да биде“.

    Во рецензијата од Шери Линден од „Холивуд рипортер“, меѓу другото стои: „Во оваа ера на кризи на изумирање, загрозени природни живеалишта, безобѕирно профитирање, ‘Медена земја’ раскажува приказна со универзален одглас, дури и кога открива заборавено место, кое е толку специфично и необично, што повеќето современи луѓе од западниот свет никогаш не би можеле ни да го замислат“.

    „Исклучително рафинираното чувство за препознавање на уникатниот документаристички филмски јазик и повеќеслојноста во овој наратив беше провокација за публиката која по премиерата, во минутите определени за прашања и одговори, настапи со огромна љубопитност и многу комплименти и според еден од организаторите на Санденс, ова е еден од ретките документарци на фестивалот, воопшто, на кој целата публика останала на прашања и одговори по филмот“, велат од екипата.

    „Приказната е за Атиџе, последната жена-ловец на пчели во Европа и нејзините напори да ги спаси пчелите од домашните пчелари, кои го нападнале нејзиниот имот и го загрозиле нејзиното постоење“, е дел од содржината (Фото: Продукција „Трајс филмс“)

    По премиерата во Парк Сити, ќе има уште четири проекции во овој град и две во Солт Лејк Сити. Екипата ја најавува премиерата во Скопје на почетокот на март.

    „Медена земја“ во 2017 на филмскиот маркет на Сараевскиот филмски фестивал ја освои највредната парична награда за поддршка на проекти – 30 илјади евра од Турската национална телевизија (ТРТ). Снимањето почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со „Фармахем“. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби 3 милиони денари (околу 50.000 евра).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира