Од Македонски железници (МЖ)-Инфраструктура најавуваат дека до вечерва електричната локомотива ќе биде крената од пругата и железничкиот сообраќај на релацијата Скопје – Велес нормализиран, по несреќата што се случи близу железничката станица Рајко Жинзифов вчера попладнето околу 17 часот. Поради ова, патничкиот воз од и за Кочани не сообраќа, а возовите од и за Битола и Гевгелија возат до и од Велес.
Причинета е голема материјална штета, која ја утврдува надлежната комисија на МЖ која е на терен.
„Направена е голема материјална штета на инфраструктурните постројки , пругата, колосеците, електричните столбови, сигнализацијата, контактната мрежа и оптичкиот кабел. Висината на вкупната штета ќе ја утврди комисијата која е излезена на лице место. Моментално се врши поправка и подигање на локомотивата и се очекува во вечерните часови сообраќајот да биде пуштен со дизел влеча на возови“, се вели во писмената информација од МЖ-Инфраструктура.
До прекин на железничкиот сообраќај на пругата помеѓу железничките станици Скопје и Велес е дојдено по одрон на карпа која падна на колосекот. На одронот налетал товарен воз со електрична локомотива при, што таа се излизга од колосекот и удрила во блиските метални столбови од контакта мрежа. Од ударот во карпата повредени се машиновозачот и неговиот помошник на локомотивата, кој беа згрижени во велешката болница. Тие утрово се пуштени на домашно лекување. Машиновозачот С. М. (23) од Скопје и совозачот Р. Б. (23) при ударот на локомотивата, удриле со главите во машината и се онесвестиле.
„Во 19,10 часот на хируршкото одделение донесени се две лица повредени во железничка несреќа. Се жалеа на повреди на главата, вратот и рамениците. Укажана им е итна лекарска помош, ноќеска се здржани во болница, опсервирани се и утринава се пуштени на домашно лекување“, рече Марина Андова, портпаролка на Општа Болница Велес.
П. ПЕЧКОВ