Македонскиот документарец „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска освои три награди на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.
„Што друго да се каже? Нашата мала земја е навистина желна да ја испрати оваа порака до Владата: Ве молиме да го исчистите воздухот на најзагадената земја во светот“, рече продуцентот Атанас Георгиев при примањето на Главната награда од жирито на затворањето на фестивалот изутринава во Парк Сити, Јута.
„Денес нашата планета се соочува со најголемите предизвици за животната средина. Нашето општество, нашиот род, се соочува со најголемите морални предизвици… Една од најголемите причини за ова е што се користат неодржливи извори. Веруваме дека нашиот главен лик покажува јасен автентичен принцип за споделување меѓу луѓето и природата“, рече режисерот Љубомир Стефанов примајќи ја Специјалната награда од жирито за влијание за промена, а режисерката Тамара Котевска рече:
„Огромна благодарност за најпрекрасната публика што можевме да си ја замислиме. Целта ни беше да направиме филм подеднакво за луѓето и за природата, и многу научивме за врските меѓу луѓето и семејството. Овој филм е направен со шестмина кои се како семејство. Ова е инспирација за секој кој сака да раскаже приказна за да не се обесхрабрува“.
- НЕ НЀ ЧУДИ ШТО „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ВЛЕЗЕ НА САНДЕНС НА РЕДФОРД, ЗНАЕМЕ КАКОВ ФИЛМ ПРАВИМЕ, ВЕЛИ ПРОДУЦЕНТОТ АТАНАС ГЕОРГИЕВ
- НА САНДЕНС СО „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЌЕ ГО ОДНЕСЕМЕ ЖОЛТОТО ЗЛАТО НА АТИЏЕ, ВЕЛИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ПРОДУЦЕНТОТ ГЕОРГИЕВ
- „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ Е СОВРШЕН ДОКУМЕНТАРЕЦ – ПОЗИТИВНИ РЕАКЦИИ ПО ПРЕМИЕРАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ НА САНДЕНС
Санденс е основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Триесет и осмото издание на фестивалот се одржа од 24 јануари до 3 февруари во Парк Сити, а „Медена земја“ се прикажа во програмата со уште 11 филмови.
Екипата ја најавува премиерата во Скопје на почетокот на март.
Филмот имаше позитивни рецензии од критичарите, овации и долги аплуази од публиката по премиерата на почетокот на неделава.
„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси. Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“.
Ентони Кауфман од „Скрин интернешнал“ по премиерата изјавил: „Бев скептичен, но откако го гледав се убедив дека гласините кои се ширеа на Санденс за македонскиот документарец ‘Медена земја’ се вистинити. Овој документарец е совршен колку што еден документарец би можел да биде“.
Снимањето почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со „Фармахем“. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби 3 милиони денари (околу 50.000 евра).
Б. НЕСТОРОСКА