ЌЕ ЈА ЗАТВОРИМЕ ГИНЕКОЛОГИЈА ЧАИР АКО ЗА 30 ДЕНА НЕ ПРЕСТАНЕ ДА СЕ ГРЕЕ НА МАЗУТ, НАЈАВИ ШИЛЕГОВ

    ЌЕ ЈА ЗАТВОРИМЕ ГИНЕКОЛОГИЈА ЧАИР АКО ЗА 30 ДЕНА НЕ ПРЕСТАНЕ ДА СЕ ГРЕЕ НА МАЗУТ, НАЈАВИ ШИЛЕГОВИнпекторатот на Град Скопје два пати направил контроли во болницата и било констатирано дека со начинот на греење се загадува воздухот.(Фото: принтскрин од аматерско видео)

    Ако во рок од 30 дена Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во скопски Чаир не го промени начинот на греење ќе биде затворена, најави денеска градоначалникот Петре Шилегов. Тој кажа дека досега Инпекторатот на Град Скопје два пати направил контроли во болницата и било констатирано дека со начинот на греење се загадува воздухот.

    Гинекологија Чаир се грее на мазут и затоа изминативе денови во јавноста се појавија видеа со црн чад од оџакот на болницата.

    „Инспекторатот до сега два пати има интервенирано во Гинекологија Чаир. Денеска повторно е упатен инспекторот како последна опомена до болницата и до Министерството за здравство да си го променат котелот. Доколку не постапат на тој начин, болницата ќе биде затворена од страна на Градот. Не сакаме да предизвикаме некаква криза, меѓутоа мора конечно секој да си одговори на сопствените обврски. Ако тој котел загадува, а загадува бидејќи два пати е веќе констатирано, мора да се интервенира. Дописот денеска покрај до директорот на болницата ќе го испратиме и до министерот за здравство Венко Филипче. Очекувам дека во рокот од 30 дена ќе реагираат“, рече Шилегов.

    Во однос на Извештајот на Европската организација на врховни ревизорски институции (ЕУРОСАИ), во кој стои дека буџетот за борба против загадувањето е несоодветен, а системот е неорганизиран, Шилегов изјави дека Градот изминатава година направил сѐ што е во нивна ингеренција и дека е потреба поголема ангажираност од другите институции.

    „Во однос на она што го имаме како ингеренција, Градот го има постигнато максимумот во она што можеме да го направиме. За жал, не секогаш имаме одговорен однос од останатите институции. Очекувам дека таквата координација ќе ја подобриме. Едно од моите инсистирања е малку да се забрзаат процесите и индивидуалната одговорност на секој носител на државна функцијата што го раководи органот кој што треба да биде дел од таа кординација“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира