ПАЈАКОТ ПОЧНА ДА КРЕВА КОЛИ НА КЕЈОТ 13 НОЕМВРИ, НАЈАВУВААТ АКЦИИ СЕКОЈ ДЕН

    ПАЈАКОТ ПОЧНА ДА КРЕВА КОЛИ НА КЕЈОТ 13 НОЕМВРИ, НАЈАВУВААТ АКЦИИ СЕКОЈ ДЕНСо три пајак возила се отстрануваат колите кои го блокираат шеталиштето и го користат како бесплатен паркинг.(Фото:аматерска фотографија)

    Пајак службата на ЈП „Градски паркинг“ од утрово ги крева неправилно паркираните возила на Кејот 13 Ноември. Со три пајак возила се отстрануваат колите кои го блокираат шеталиштето и го користат како бесплатен паркинг. Казната за погрешно паркирање е 2.500 денари кои ги наплатува пајак службата и плус 45 евра казна од полиција или 25 казнени поени за погрешно паркирање.

    „Со асистенција на полиција се санкционираат сите прекршители. Апелираме до граѓаните да не се паркираат на шеталиштето. Акциите ќе продолжат и во наредните денови“, велат од ЈП „Градски паркинг“.

    Откако пред три години, Советот на Град Скопје кога градоначалникот беше Коце Трајановски донесе одлука наместо под земја улицата за пристап до зградата на „Телеком“ да минува низ шеталиштето, на кејот  влегува кој како стаса. Од сите страни минуваат автомобили, комбиња и се паркираат кај сакаат. Рампата која е поставена на влезот е крената 24 часа на ден и никој не го контролира движењето.

    Градоначалникот Петре Шилегов на 31 јануари одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто дозволуваат кејот да биде уништен и блокиран од тераси и возила, рече дека инстант решение за овој наследен проблем нема, но работат на наоѓање.

    „Состојбата со шеталиштето на Кеј 13 Ноември е резултат на непланското работење на претходната градска администрација, без да се размислува какви последици ќе имаат одлуките за градот и за граѓаните кои живеат таму. На овој потег беше предвидена подземна сообраќајница, но во одреден момент инвеститорот беше ослободен од обврската да ја изгради. Тоа направи хаос. Градот нема 3 или 4 милиони евра да изгради подземна сообраќајница, ниту пак тој проблем сме можеле да го решиме за една година. Во соработка со ‘Телеком‘ и со угостителите работиме на идејно решение. Решавањето на проблемот на кејот ќе биде дел од смарт решенија кои ќе го регулираат сообраќајот и нема да дозволат секој да може да влегува и да паркира на овој потег. Во сето тоа примарно за нас е да ги задоволиме и потребите на граѓаните тука да имаат простор како шеталиште“, вели Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира