ШИЛЕГОВ ЌЕ БАРА ОПШТИНА САРАЈ ДА ЈА УРНЕ ДИВАТА ПЛАТФОРМА НА МАТКА

    ШИЛЕГОВ ЌЕ БАРА ОПШТИНА САРАЈ ДА ЈА УРНЕ ДИВАТА ПЛАТФОРМА НА МАТКАОткако вчера САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека платформата од железна конструкција се гради во езерото, инспекторите од Град Скопје излегле на терен.(Фото: СДК.МК)

    Денеска ќе испратиме допис до Општина Сарај дека платформата на кањонот Матка е дивоградба, вели раководителот на Инспекторатот за животна средина на Град Скопје Мирослав Богдановски.

    Откако вчера САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека платформата од железна конструкција се гради во езерото, инспекторите од Град Скопје излегле на терен. По направениот увид било констатирано дека платформата не смее да биде изградена оти во кањонот не смее да се градат ниту времени објекти, по што Општина Сарај треба да постапи согласно нивните законски ингеренции.

    „На лице место немаше никој, ниту вчера, ниту денес. Немаме информации која е намената на платформата, но таа е дивоградба. Град Скопје нема надлежност да урива објекти, тоа го прават општините. Затоа со допис ќе ја информираме Општина Сарај дека станува збор за дивоградба и треба веднаш нивната градежна инспекција да ја отстрани. Доколку Општината не го стори тоа ќе го информираме и државниот инспекциски совет. Во Матка никакви градби не смее да има, станува збор за заштитено природно богатство“, вели Мирослав Богдановски.

    Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети ниту денеска не одговараше на нашите повици да објасни како нивните инспектори дозволиле да никне дива платформа на Матка и кога ќе постапат по дописот на Град Скопје.

    Платформата од железна конструкција се гради во езерото, покрај патот на кањонот. Распослана е од бетонскиот ѕид до патот, низ карпите на кањонот и неколку метри во езерото. Покрај платформата стојат и цевки и дрвени греди, а на едниот крај изведена е дрвена куќарка, која личи на шанк.

    Кањонот Матка е под надлежност на Град Скопје и Општина Сарај. Токму градоначалникот Петре Шилегов во јуни лани кажа дека Матка заслужува поголема грижа со цел максимално искористување на нејзиниот туристички потенцијал, а неколку пати најавуваше носење на Закон за заштита на Водно и Матка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира