Судскиот процес за предметот на СЈО „Титаник“ со 21 обвинет, меѓу кои и азилантот во Унгарија Никола Груевски денеска се одложи поради боледување на обвинетиот Едмонд Темелко, но пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е меѓу обвинетите побара да се одложи и следното рочиште на 20 февруари.
„Почитуван суде, јас ви испратив допис дека во периодот од 17-22 февруари за првпат во историјата на Република Македонија ќе присуствувам, односно ќе бидам шеф на собраниската делегација на парламентарното собрание на НАТО и нема да можам да дојдам на наредното судење“, кажа Димовски.
Судот рече дека ќе го разгледа неговото барање и начелно го прифати одлагањето поради историското учество за првпат на наша собраниска делегација на парламентарното собрание на земјите членки на НАТО.
Обвинителката Лиле Стефанова во СЈО не се противеше, но побара од Димовски, кој членува во важни собраниски комисии, во иднина да не ги прифаќа баш сите обврски бидејќи, како што рече, судењето му е на прво место.
Димовски, кој сега ќе ја предводи собраниските делегација, не даде поддршка за уставните измени во Собранието, кои беа услов за наше членство во НАТО.
Во „Титаник“, каде досега беа пуштени над 1.000 бомби и над 300 смс пораки, следува доказна постапка со распит на сведоци, како биле вршени изборните измами, притисоците за гласање, незаконското финансирање на изборите од страна на дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и како се давани незаконски лични карти на граѓани од Пустец, Албанија, за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
С. К. ДЕЛЕВСКА