УАПСЕН ПОЛИЦИСКИ НАЧАЛНИК НА ШТИП ЗА ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ, ПОВЕЌЕПАТИ ОТКРИЕНАТА РУТА УШТЕ Е ЖИВА

    УАПСЕН ПОЛИЦИСКИ НАЧАЛНИК НА ШТИП ЗА ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ, ПОВЕЌЕПАТИ ОТКРИЕНАТА РУТА УШТЕ Е ЖИВАНа 25 јуни лани, во тешка сообраќајна несреќа кај Радовиш, низ кој минува мигрантската рута кон северот на Македонија, загинаа двајца, а 17 мигранти беа повредени. Возачот избега од местото на несреќата. Потоа на седми септември лани, во сообраќајка кај Катланово беа повредени 18 илегални мигранти. (Фото: СДК.МК)

    Судија на претходна постапка од организиран криминал попладнево и ноќва одлучува за барањето за притвор на 17 уапсени членови на група за шверц на мигранти од Авганистан, Ирак, Бангладеш, Пакистан и други држави. Вкупно се осомничени 21 лице.

    Јавното обвинителство за организиран криминал соопшти дека меѓу уапсените има и полициски началник. Според извори од судот, се работи за началникот на СВР Штип, кој бил известувачот на групата каде има полициски патроли на патиштата, за шверцерите да го менуваат правецот и да не ги фатат комбињата со мигранти.

    Оваа група била поврзана со криминална група од Грција, која им ги предавала мигрантите на овдешните шверцери на луѓе, меѓу кои и деца, преку т.н. зелена граница.

    Криминалната група, за сума од 150 до 300 евра по мигрант, ги пренесувала преку различни места за средба, се до кумановско – липковскиот регион, селата Ваксинце и Лојане, па оттаму кон територијата на Република Србија и државите на Европската Унија. Интересно е што досега многу пати полицијата ги има лоцирано овие куќи во Лојане и Ваксинце, вработени кај Народниот правобранител исто така, но шверцот на мигранти со крајна станица во овие северни села, пред напуштањето на Македонија, не се уништува.

    „Надлежен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 21 лице за кривични дела: Криумчарење мигранти, Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти. Осомничените се на возраст од 20 до 40 години од кои едно лице е полициски службеник од Секторот за внатрешни работи Штип. Од осомничените 17 лица се лишени од слобода. Тројца во моментов се недостапни на органите на прогонот, а едно лице е на издржување казна затвор за друго кривично дело“, вели Обвинителството.

    Организираната група за криумчарење мигранти била формирана од петмина кои во мај 2018 година од користољубие создале и организирале криминална група во која се приклучиле уште 15 лица. Групата шверцувала луѓе во континуитет до февруари 2019 година.

    Осомничените создале структура на групата. Имале поделени задачи на членовите, во која имало организатори, лице за преземање на мигрантите–качаци, чистачи, транспортери, извидувачи и слично. Дел од осомничените – чистачи преку конференциска врска користејќи Вибер апликација и ГПС координати, имале задача да ги известуваат останатите членови на криминалната група за евентуална поставеност на полициските патроли на рутата по која се движеле возилата, по што веднаш биле менувани правците на движење. Дел од осомничените остварувале комуникација со сега осомничен полициски службеник од СВР Штип, а со цел добивање на известувања за евентуална поставеност на полициски патроли, контроли или заседи, како и информации за тоа дали криминалната група е предмет на истрага во МВР и насоки како да го прикријат нивното криминално делување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира