БЕВ ИЗМАНИПУЛИРАН ОД ПОЛИТИЧАРИТЕ СО НАВОДНАТА ТИРАНСКА ПЛАТФОРМА, КАЖА ОБВИНЕТИОТ КОЉО ВО ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ ЗА 27 АПРИЛ

    БЕВ ИЗМАНИПУЛИРАН ОД ПОЛИТИЧАРИТЕ СО НАВОДНАТА ТИРАНСКА ПЛАТФОРМА, КАЖА ОБВИНЕТИОТ КОЉО ВО ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ ЗА 27 АПРИЛНикола Митревски - Кољо, еден од 18-мината обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, вели дека не бега од одговорност за влегувањете во Собранието и стои зад неговата грешка. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Никола Митревски – Кољо во завршните зборови на судењето за организираниот напад на Собранието рече дека жали за тоа што се случи на 27 април 2017 и дека бил изманипулиран од идејата за наводна таканаречена Тиранска платформа од тогашните политичари.

    „Факт е дека учествував на протестите за својата татковина. Тоа на некој начин ни беше наметнато од политичарите, но од никого не сум добил директна наредба за влез во Собрание. Не бегам од одговорност за влегувањето, стојам зад мојата грешка. Факт е дека ја скршив стаклената вратата во Собранието, не е точно дека Горан Ѓошевски – Леви ми ја отвори. Ова го кажувам иако го мразам од дното на душата оти пред многу години ме уапси и ми зададе удар не знам од кои причини“, рече Митревски.

    Тој кажа дека не се точни сведочењата на браќата Стефан и Михаил Младеновски оти тој ги повикал дента пред нападот на ручек во „Дион“ и потоа купувал фантомки од продавницата „Камуфлаж“, ниту пак дека ги организирал патриотските здруженија за влез во Собранието. Митревски рече дека листингот од мобилниот телефон и податоците од базните станици тоа го докажувале.

    „Да ми рекол некој дека ќе влегуваме во Собрание, немаше да дојдам во ’Дион‘ во жолти патики и бел елек. Спонтано тргнав кога видов дека се пее албанската химна. Не точно како што тврди Обвинителството дека во 18 часот ми се јавил Нинџа да ми даде наредба, јас веќе бев во Собрание“, рече Митревски.

    „Бевме предадени и пуштени низ вода од политичарите. Тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски уште истата вечер на прес-конференција излезе и кажа дека го осудува насилството и да се казни секој што направил насилство. Се оградија од народот кој протестираше цели 60 денови“, додаде Кољо.

    Судијката Добрила Кацарска го искара Кољо дека и тој како и другите обвинети наместо завршни зборови даваат одбрана, а кога имаа можност за одбрана рекоа дека нема да дадат. По ова Кољо и одговори: „Па така нè лажеа пратениците, ни викаа молчете, ќе бидете амнестирани“. Кацарска му одговори: „Е па сега оди вечерај со пратениците“, а Кољо додаде: „Ќе дојде и тој ден“.

    Судењето е во тек.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира