ЌЕ НЕМА ЛЕГАЛИЗИРАЊЕ ЗА ЕДНО ЕВРО, ТУКУ ДА СЕ ПЛАТАТ КОМУНАЛИИ ПЛУС ПЕНАЛИ ЗА ДИВОГРАДБИТЕ, ПРЕДЛАГААТ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ

    ЌЕ НЕМА ЛЕГАЛИЗИРАЊЕ ЗА ЕДНО ЕВРО, ТУКУ ДА СЕ ПЛАТАТ КОМУНАЛИИ ПЛУС ПЕНАЛИ ЗА ДИВОГРАДБИТЕ, ПРЕДЛАГААТ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕКако што кажа Шилегов можност за легализација ќе имаат оние градби кои можат да бидат вклопени во Деталниот урбанистички план, односно не се наоѓаат во забранети и заштитени зони за градба. (Фото: К. Попов)

    Дивоградбите да не се легализираат по едно евро за квадрат, туку оние кои граделе бесправно да плаќаат комуналии според цените на општината и плус пенали оти не го почитувале законот. Ова е ставот на ЗЕЛС по однос на новиот нацрт-закон кој го предлага Владата за легализирање на објектите изградени до 2018 година.

    Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Петре Шилегов по завршување на седницата на Управниот одбор рече дека сите градоначалници едногласно одлучиле дека легализацијата мора да престане на начин но кој се одвиваше досега, односно по едно евро за квадрат. Според градоначалниците нацрт-текстот не ги задоволува потребите на општините ниту биле предвидени сите ситуации, па затоа ќе се работи на негови измени и доработка.

    „Посебна работна група од пет градоначалници заедно со Министерството за транспорт и врски ќе работи на изнаоѓање на законско решение како бесправно изградените објекти да бидат внесени во правниот систем. Нашиот став е дека покрај комуналиите кои законски си ги плаќаат граѓани, оние кои граделе диво да платат плус и пенали и тоа најмалку 50 отсто од цената на комуналии. За нас е важно да нема легализација за едно евро, ниту да ставаме временска рамка до која година ќе може да се легализираат дивоградби. Така стимулираме на определен начин незаконско градење“, рече Шилегов.

    Како што кажа Шилегов можност за легализација ќе имаат оние градби кои можат да бидат вклопени во Деталниот урбанистички план, односно не се наоѓаат во забранети и заштитени зони за градба. Ако не влегува градбата во ДУП-от, ќе се урива.

    Според податоците на ЗЕЛС во земјава има околу 70.000 дивоградби.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира