ПОЧИНА ДЕТЕ ОД ГРИП НА ДЕТСКА КЛИНИКА

    ПОЧИНА ДЕТЕ ОД ГРИП НА ДЕТСКА КЛИНИКАДиректорката на Клиниката за детски болести д-р Катерина Ставриќ вели дека детето кое кај нив се лекувало од грип боледувало и од друга болест и дека и покрај тоа што вложиле максимални напори за да му помогнат, тоа за жал починало. (Фото: СДК.МК)

    На Клиниката за детски болести почина дете од компликации предизвикани од грип.

    Директорката на Клиниката за детски болести д-р Катерина Ставриќ вели дека пред половина час починало едно од децата кои се лекувале на Клиниката од грип.

    „Почина едно од децата, кое се лекуваше од грип. Станува збор за 12 годишно дете, кое боледува од конгенитална мускулна дистрофија. Во вакви случаи компликациите од грип со примарната болест се потешки и покрај сите вложени напори да му се помогне на детето за жал тоа почина“ вели д-р Ставриќ.

    Според информациите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) минатата недела од симптоми кои асоцираат на грип починал возрасен пациент, иако од Клиниката за инфективни болести велат дека не е докажано дека пациентот има грип, а претходно имал и други здравствени проблеми.

    Според извештајот од ИЈЗ во текот на 8-та недела од оваа година, или од 18 до 24 февруари, пријавени се 3.209 случаи со заболувања слични на грип, што е за 9 отсто зголемување во споредба со претходната недела.

    Најмногу заболени има во возрасната група од 15 до 64 години, а најголема е инциденцата кај деца до 4 годишна возраст. Најмногу заболени се регистрирани оваа недела во Кавадарци.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира