Жителите на општина Центар можат да дадат свои забелешки и предлози за новото сообраќајно решение за улицата Орце Николов. Според проектот кој го најавија градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и на Град Скопје Петре Шилегов, конечно на оваа улица тротоарите ќе се ослободат од паркираните коли и терасите на кафулињата и ќе бидат пешачки и велосипедски патеки.
На веб страната на Општината граѓаните можат да го видат новиот проект. Таму се наведени сите технички податоци и преку слики е презентиран новиот изглед на улицата. Граѓаните кои имаат забелешки за проектот можат да ги достават, преку потполнување на формулар по пат на електронска пошта.
„Оставаме време граѓаните да дадат забелешки, па потоа ќе го распишеме јавниот повик за фирмата изведувач. Ова е прв проект каде ги ослободуваме тротоарите од автомобили, а потоа ќе продолжиме и на другите локации во Дебар Маало“, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Според проектот ќе се реконструира коловозот со површина од 9.330 метри квадрати. На селектирани локации ќе се изврши подигнување на улицата, односно ќе бидат поставени пет подигнати премини кои ќе служат како легнати полицајци и ќе придонесат кон нормализирање на брзината на движење на возилата. На крстосницата со улицата Аминта Трети (Ленинова) ќе се изведе кружен тек. Ќе се воведе паралелно паркирање на ниво на улицата со џебови за паркирање. Во проектирање на улицата водено е сметка за сите дрвја, да не се отстрани ниту едно, а меѓу нив да се организира паркирањето. Коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри.
Според сегашното решение на улицата има 180 паркинг места, а со новото ќе се намалат на 80.
А. АНТЕВСКА